Посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на Тајван, доколку навистина биде остварена, ќе ги поткопа односите меѓу Кина и САД кои ќе понесат последици, изјави на итно свиканата прес-конференција Џанг Јун, кинескиот амбасадор во Обединетите нации.
Според постојаниот кинески претставник во седиштето на светската организација во Њујорк, Вашингтон „мора да ги сфати последиците“ од таквите потези. Џанг притоа уште еднаш истакна дека Тајван е составен дел од Кина, како и дека прашањето за територијалниот интегритет претставува „црвената линија“.
„Никому нема да му дозволиме да ја мине таа црвена линија. Силно се спротиставуваме на секакви сепаратистички движење во контекстот на Тајван, како и на мешањето во внатрешните работи на Кина“, нагласи амбасадорот Џанг.
Претседателката на долниот дом на американскиот парламент викендов ја започна својата азиска турнеја, која вклучува посети на Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Сингапур. Во најавата не се споменуваше посета на Тајван, откако по таквите најави уште во април официјален Пекинг остро реагираше со противење.
Меѓутоа, во понеделникот вечерта тајванските и американските медиуми масовно пишуваат дека Пелоси во вторникот ќе допатува во дводневна посета на Тајван каде што ќе се сретне со тамошните политички и воени челници.
Самата Пелоси досега не ја потврди информацијата, повикувајќи се на безбедносни причини. Белата куќа, од своја страна, пак, објави дека како претседателка на Претставничкиот дом, Пелоси не е должна да ја извести администрацијата за нејзините патувања, како и дека самостојно носи одлуки за тоа.
Во понеделникот тајванскиот информативен портал ETtoday прв ја објави информацијата дека еден од највисоките државни функционери во САД и трет во сукцесискиот ред во претседателството, придружувана од делегација од 20-ина лица би требало на 3-ти август да слета околу 22,30 часот по локално време, околу 18,30 по македонско време, на аеродромот Сонгшан крај Тајпеј. Пелоси ќе ја мине ноќта во хотелот „Grand Hyatt“, а утрото во средата на 3-ти август ќе го посети Законодавниот јуан (парламентот на Тајван) ќе се сретне со тамошното водство, вклучително и со началникот на Генералштабот, Цаи Инг-вен. Истиот ден, се додава во информацијата, Пелоси наводно околу пладне ќе го напушти островот со авион.
Претходно портпаролот на кинеското министерство за одбрана, Тан Кафеи, истакна дека посетата на Пелоси на островот претставува кршење на начелото „една Кина“, ќе им наштети на односите во воената сфера и ќе доведе до заострување на ситуацијата.
Тан истакна притоа дека „кинеската армија ова нема да го гледа со скрстени раце и дефинитивно ќе ги преземе сите мерки да го пресече надворешното мешање“.
Тајванското прашање во односите меѓу Вашингтон и Пекинг повторно исплива на површината во заднината на руската воена интервенција во Украина. САД, имено јавно предупредуваат дека Кина би можела да го следи примерот на Русија и да се обиде со сила да го разреши статусот на Тајван, кој кинеската страна го смета за своја одметната покраина.
Во неодамнешниот телефонски разговор со кинескиот претседател Кси Џинпинг, американскиот претседател Џо Бајден повтори дека Вашингтон ги почитува „начелото на една Кина“. Според овој договор, САД немаат формални дипломатски односи со Тајван и со децении избегнуваат посети на нивните највисоки функционери на Тајпеј, меѓутоа според американскиот закон должни се да му го „обезбедуваат правото на самоодбрана“ со финансии и испораки на вооружување.