Кина го поддржува Иран во одбраната на неговиот суверенитет

Кина го поддржува Иран во одбраната на неговиот „суверенитет, безбедност и национално достоинство“, му рекол кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на вршителот на должноста министер за надворешни работи на Иран во телефонски разговор во неделата, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Во телефонски разговор, Ванг ја повторил осудата на Пекинг за атентатот врз политичкиот лидер и главен преговарач на палестинското движење Хамас Исмаил Ханија на 31 јули во иранската престолнина Техеран. Истакнал дека нападот го нарушува суверенитетот на Иран и ја загрозува регионалната стабилност.

Шиитски Иран и палестинското сунитско исламистичко движење Хамас го обвинија Израел дека го извршил нападот во кој загина Ханија. Израел не ја презеде одговорноста за убиството, но не ги отфрли обвинувањата, што ги подгрева стравувањата дека конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа може да се прошири на поширокиот регион на Блискиот исток, откако Техеран вети дека „жестоко ќе го казни“ Израел за атентатот.

Ванг му кажал на Али Багери Кани, вршител на должноста министер за надворешни работи на Иран, дека убиството на Ханија „директно го поткопало преговарачкиот процес за прекин на огнот во Газа и го загрози регионалниот мир и стабилност“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

„Кина го поддржува Иран во одбраната на својот суверенитет, безбедност и национално достоинство во согласност со законот, како и во неговите напори за одржување на регионалниот мир и стабилност и е подготвена да одржува блиска комуникација со Иран“, истакнал Ванг.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан неколку часа претхоно во неделата го назначи Абас Аракчи за министер за надворешни работи. Аракчи беше главен преговарач на Иран во разговорите 2013-2021 година за иранската нуклеарна програма.