Авион од Кина кој превезуваше повеќе од милион заштитни медицински маски за Чешка слета во петокот во Прага, соопшти тамошната влада.
„Во авионот има 1,1 милион маски од типот FFP2 кои веднаш ќе бидат дистрибуирани во болниците и другите места“, изјави министерот за внатрешни работи Јан Хамачек на прес-конференцијата на аеродромот во Прага.
Чешка за тоа платила околу три милиона американски долари, додаде министерот.
Чешката влада беше остро критикувана поради недоволните резерви од медицинска опрема, поради што илјадници Чеси ги произведуваат маските во своите домови.
Властите им забранија да ги напуштат домовите доколку не ги покријат носот и устата. Училиштата, рестораните, театрите, музеите, кино-салите и другите вообичаени места за собирање се затворени во Чешка во којашто во петокот утрото имала 774 случаи на заразата со коронавирусот, а нема регистрирано смртен случај.
Во саботата владата во Прага очекува уште еден авион со милион дополнителни медицински маски и еден гигантски товарен навион „Ан-124 Руслан“ со повеќе од 100 тони медицински материјал од Кина.
Хамачек изјави дека следните шест седмици се очекуваат уште авиони со медицинска опрема од Кина. Во средата во Прага слета авион со 150.000 брзи тестови за коронавирусот, исто така, од Кина.