
Кинескиот проект „Еден појас, еден пат“ не е геополитичко средство, ниту влегување во должничка криза за државите кои учествуваат во него, меѓутоа Пекинг ги поздравува конструктивните предлози за тоа како да се решат проблемите во поглед на оваа иницијатива, соопшти во петокот шефот на дипломатијата.
Пекинг следната седмица ќе биде домаќин на самитот „Еден појас, еден пат“, на кој ќе присуствуваат 37 странски челници, вклучително и некои од најблиските кинески сојузници, со тоа што САД кои многу го критикуваат проектот испраќаат само претставници на пониско ниво.
Иницијативата „Еден појас, еден пат“, како што официјално се нарекува, е клучниот проект на претседателот Кси Џинпинг и предвидува повторно да се изгради стариот Пат на свилата кој ќе ја поврзува Кина со Азија, Европа и другите континенти со големи инфраструктурни вложувања.
Меѓутоа, проектот е критикуван во многу западни земји, особено во САД, кои на тоа гледаат како на начин да се прошири кинеското влијание во странство, како и дека Кина на тој начин со давањето кредити ќе ги направи земјите зависни од неа. САД се особено критични кон одлуката на Италија, како прва земја членка од седумте најразвиени земји Г7, која минатиот месец го потпиша договорот за проектот, во текот на посетата на кинескиот претседател на Рим.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави во петокот дека иницијативата „Еден појас, еден пат“ носи вистинска полза за земјите учеснички во проектот. „Овој партнерски однос не е геополитичко средство, туку платформа за соработка“, порача.