Кина и САД во четвртокот ја поддржаа нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност при Обединетите нации за сузбивање на пандемијата на коронавирусот, и „шокантно и тажно“ е што Вашингтон во меѓувреме се премисли, изјавил за Reuters во саботата кинески дипломат.
Американски допломат го отфрлил ова тврдење на кинескиот колега, велејќи дека Вашингтон не го прифатил само предложениот текст од резолуцијата.
Петнаесетчлениот Совет за безбедност на ОН повеќе од шест седмици се обидува да се договори за текстот со кој би требало да се поддржи повикот на примирје во глобалните судири за светот да се насочи на пандемијата на коронавирусот, кој генералниот секретар на светската организација, Антинио Гутереш го упати на 23-ти март.
Меѓутоа, преговорите за текстот на резолуцијата ги блокираше неможноста од договор меѓу САД и Кина за тоа дали во неа ќе се споменува Светската здравствена организација (СЗО – WHO). САД сакаат организацијата да не биде споменувана, а Кина е упорна да биде вклучена, додека други членки сметаат дека споменувањето на СЗО е маргинално прашање, велат дипломатите во Њујорк.
САД го суспендираа своето големо финансирање на СЗО, која е организација во рамките на ОН, откако претседателот Доналд Трамп ја обвини дека е „киноцентрична“ и дека ги промовира кинеските „дезинформации“ за избувнивањето на заразата, што од СЗО го отфрлаат.
Се чинеше дека во четвртокот вечерта Советот за безбедност постигнал компромис, и дека е прифатена последната француско-туниска верзија на резолуцијата, според оцените на дипломатите во ОН. Наместо СЗО во нацртото се споменуваат „специјализирани здравствени агенции“. Но САД во петокот го одбија овој текст, рекоа дипломатите, бидејќи е очигледно дека се мисли на СЗО, којашто е единствената таква агенција.
„САД се согласија на компромисен текст и шокантно е и тажно што се предомислија“, рекол за Reuters кинески дипломат кој сакал да остане анонимен. Кина, додал, го поддржива нацртот на резолуцијата.
Американски дипломат, кој исто така сакал да остане анонимен, рекол дека САД не се согласиле со текстот, кој американската мисија при ОН го испратила во четвртокот на одобрување во Вашингтон.
Дипломати рекле дека во текот на преговорите и Кина и САД се заканувале со вето. За да биде прифатена, резолуцијата мора да има девет гласови „за“ и не смее да биде вложено вето од некоја од петте постојани членки на Советот за безбедност – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција.
Портпаролот на Стејт департмантот рече во петокот дека САД „конструктивно соработуваат“ и ја обвини Кина дека во текот ан преговорите неколкупати го оневозможила постигнувањето компромис.
Францускиот амбасадор во ОН, Николас де Ривиер, во петокот рече дека „сѐ уште се прават обиди да се постигне позитивен резултат и да се види дали постои можност за компромис“.
Иако Советот за безбедност при ОН е задолжено за чување на меѓународниот мир и безбедност, самото посебе не може да стори многу во борбата против коронавирусот, па дипломатите и аналитичарите сметаат дека поддржувајќи го повикот на Гутереш на примирја во светот, може да испрати слика на голбално единство.