Кинеската царинска управа објави дека ќе ја заостри контролата на увозот на група прехранбени производи од Јапонија, по одлуката на Токио во океанот да ги испушти контаминираните води од нуклеарната централа во Фукушима.
Непосредно по катастрофата на 11-ти март 2011 година во нуклеарнатат Диаичи Фукушима, Кина го забрани увозот на храна, морски плодови и земјоделски производи од пет јапонски префектури. Дополнително ја прошири таа забрана, а во моментот не е дозволен увозот од вкупно десет јапонски префектури.
Во петокот кинеската царинска управа објави дека ќе ја „зајакне контролата“ и „ригорозно ќе ги испита“ дозволите за увозот на храна, особено на морски плодови, од префектурите кои не се опфатени со забраната, којашто, како што се истакнува, останува на сила.
Некои јапонски функционери стравуваат дека Кина, најголем купувач на јапонските морски плодови, може да ги запре таквите набавки откако Јапонија ќе започне во август во океанот да ја испушта контаминираната вода, за којашто Токио тврди дека е прочистена до нивоата пропишани со глобалните безбедносни стандарди.
Кина со седмици децидно се спротиставува на ваквиот потег, истакнувајќи дека тој ја загрозува животната средина, животот во светскиот океан и здравјето на луѓето.
Пред испуштањето на водите, Јапонија планира да ги филтрира, за да се остранат повеќето радиоактивни елементи, со исклучок на тритиумот, изотопот на водородот кој тешко може да се издвои од водата. Неговата присутност во испуштените води би требало да биде намалена значително под нивото дозволено со меѓународните стандарди.
„Легитимитетот на јапонската одлука за испуштањето на водите сѐ уште во голема мера е проблематичен, како и сигурноста на опремата за прочистување и целовитоста на програмата за следење“, соопшти кинеската царинска управа.
Од Пекинг додаваат и дека извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA) не ги одразува во целост ставовите на стручњаците кои учествувале во процесот на процена и дека не сите стручњаци ги прифатиле неговите заклучоци.
Во процената за штетноста учествувале стручњаци од 11 земји, вклучително и експерти од Јужна Кореја којашто претходо во петокот објави дека дала согласност за јапонскиот план за испуштањето на радиоактивните води од Фукушима во океанот но дека ја задржува забраната за увозот на храна, како и стручњаци од САД и од Кина, којашто, сепак, е сомничава во целосната безбедноста на третираната радиоактивна вода.
Челникот на МААЕ, Рааел Гроси, исто така во петокот, изјави дека еден или два члена од тимот меѓународни стручњаци кои стојат зад извештајот можеби изразиле загриженост, но тврдеше дека никој од нив тоа јавно не го изнел.
Многу научници предупредуваат дека не се познати долгорочните штетни ефекти од испуштањата големи количества радиоактивна вода врз морскиот свет, воопшто во светскиот океан.