Кинескиот производител на автомобили „Chery“ преговара со руските компании за производство на возила во Русија, изјавил во четвртокот за агенцијата ТАСС директорот на руската филијала.
„На првото место во нашите планови е потребата за локализација за производство на руска територија“, рекол Владимир Шмаков и додал дека „Chery“ сакал продажбата во Русија да ја зголеми годинава на 80.000 до 100.000 возила.
„Chery“ е деветтиот најголем производител на возила во Кина, со продадени 959.000 возила минатата 2021 година. Во Русија, според здружението на европските производители, лани кинеската компанија продала 40,874 возила.
Од друга стана уделот на кинеските производители во продажбата на нови автомобили во Русија во јули годинава надминал 24 отсто, што изнесува 8.600 возила минатиот месец, со што првпат кинеските производители на автомобили ги надминале јужнокорејските во продажбата на рускиот пазар, соопшти пред десетина дена аналитичката агенција за овој пазар „Автостат“.
„Во јули 2022 година, Русите купиле 8,642 нови патнички автомобили од кинеските марки, што е за 24,3 отсто од вкупниот пазар“, беше соопштено од агенцијата повикувајќи се на статистиката врз основа на системот на ткн електронски пасоши за возила.
Статистиката покажала дека првпат на рускиот пазар кинеските производители ги надминале корејските во вкупниот обем, кои имаат 21,2 отсто. Домашните брендови, пак, сѐ уште во јули воделе на рускиот пазар со удел од 30,9 отсто.
Уделот во продажбата на нови автомобили на кинеските производители на руските пазар започна забрзано да расте од април, по повлекувањето на западните, во прв ред германските брендови, како резултат на антируските санкции поради војната во Украина. Така во првиот годинешен квартал продажбата на кинеските возила изнесувала 9,5 отсто, во април се зголемила на 12,6 отсто, во мај на 16,9 отсто, во јуни 21 отсто и рекордните 24,3 отсто во јули. Односно секој четврти автомобил продаден минатиот месец во Русија бил од Кина.
Повеќе од 90 отсто од сите кинески автомобили кои ги купиле Русите во јули отпаѓале на четири марки: „Chery“ со 2.577 автомобили, „Geely“ со 2.323 парчиња, „Haval“ со 2.155 и „Exeed“ со продадени 1.012 автомобили, а на другите марки отпаѓале преостанатите 200 возила.