Иако до крајот на февруари требаше да пристигнат долгоочекуваните кинески вакцини против коронавирусот, сепак, министерот за здравство, Венко Филипче, денеска истакна дека набавката на 200.000 вакцини од Кина ќе доцни и дека во моментов не знае кога точно би пристигнале.
– Се работи за нешто што секојдневно произлегува од комуникацијата, но ние сме постојано во контакт и водиме интензивни разговори со претставниците на компаниите. Се надевам дека следните денови ќе имаме и конкретни датуми, но засега остануваме само со тие интензивни разговори со компаниите – рече Филипче.
Во меѓувреме расте бројот на новозаболени и хоспитализирани, а според министерот, тоа главно се должи на британскиот сој, кој е присутен во 70 проценти од новите случаи.
Филипче уверува дека засега нема простор за паника, дека има сободни места во болниците, но и дека не се исклучува можноста за воведување нови заштитни мерки доколку дојде до влошување на состојбата.