Кипар ја смести Македонија во сива зона – неопходна е специјална дозвола за патување

Македонија повеќе не е на листата земји за патување на Кипар, согласно новата „Процена на епидемиолошкиот ризик на земјите во врска со ковид-19“ објавена денеска од Министерството за здравство на Кипар, јави дописничката на МИА од Атина.

Според новата категоризација, нашата земја е тргната и од црвената зона во која беше во изминатиот период, а новите правила стапуваат во сила во четврток на 9 септември.

Како и досега, државите членки на ЕУ и третите земји, во зависност од епидемиолошката слика поделени се во три категории: зелена, портокалова и црвена, за секоја од нив важат посебни правила, а оние кои не се во некоја од овие зони, како што е случај со Северна Македонија, се во сивата категорија.

Сивата зона, значи патување на Кипар само по добиена специјална дозвола, само за одредени категории и со негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа претходно и карантин по пристигнувањето.

Во првата (зелена) категорија, односно „земји со ниска опасност”, се девет држави, за кои не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту самоизолација.

За земјите од втората (портокаловата) категорија задолжителна е потврда за негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето и се вклучени 15 земји, додека пак во третата категорија земји со „зголемена опасност во споредба со другите две категории“,  вклучени се 39 држави и задолжителен е негативен тест ПЦР тест 72 часа пред поаѓањето и уште еден по пристигнувањето на Кипар.

Македонија во текот на летото од црвената стигна и до зелената категорија, беше преместена во портокаловата, а потоа одново се врати во црвената зона, а од четврток веќе ќе биде во сивата категорија.

Во однос на вакцинираните посетители, од Министерството за здравство на Кипар соопштуваат дека ослободени од задолжителниот негативен тест или карантин, се туристите кои поседуваат сертификат за вакцинација издаден од земјите- членки на ЕУ, на Европската економска зона, од Швајцарија, Израел, Русија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Украина, Јордан, Либан, Египет, Белорусија, Србија, Катар, Бахреин, САД, Ерменија, Грузија, Канада, Кувајт и Кина.

Исто така, потребно е и да се поминати 14 дена од ревакцинацијата со една од вакцините одобрени од Европската организација на лекови (Фајзер, Модерна, Астра Зенека и Џонсон) или со Спутник В, Синофарм или Синовак.

Туристите, како што е веќе пракса од лани, пред да го посетат Кипар, задолжително е, 48 часа пред патувањето, да го пополнат CyprusFlightPass, односно онлајн формуларот достапен на https://cyprusflightpass.gov.cy/.

Од Министерството за здравство на Кипар, секоја седмица ги ажурираат листите со земји за кои е дозволено патување на островот, а категоризацијата е согласно развојот на пандемијата и промената на епидемиолошките податоци во секоја од земјите.