Минималната плата ќе расте во следниве две години, а истовремено ќе се зголемуваат казните за работодавачите кои истата нема да ја исплаќаат.
Со новите измени во Законот за минимална плата е предвидено од јануари 2015 година минималната плата наместо 8.800 денари да изнесува 9.590 денари.
Од стартот на 2016 година минималната плата ќе биде 10.080 денари.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, информираше дека во новите измени на законот се предвидени и повисоки парични казни за работодавачите кои нема да го спроведуваат пропишаното.
-Ако инспекторатот увиди неисплаќање на минималната плата, на работодавачот му дава рок од 7 дена истата да ја исплати на вработениот. Доколку тоа не го направи, ќе плати глоба во износ од 8 до 9 илјади евра. Ако ова го повтори и повторно биде увидено дека не исплаќа минимална плата, ќе треба да исплати казна во износ до 10.000 евра, а ќе добие и забрана за работа извесен период, истакна Спасов.
Дополнително казна ќе треба да плати и одговорното лице во износ од 4 до 5 илјади евра.
Претседателот на Синдикатот, Живко Митревски, истакна дека нивна и владина цел е зголемување на заштитата на работниците.
-Овие измени имаат повеќе цели. Со нив ќе се спречат злоупотребите кои одредени работодавачи ги прават, ќе биде спречена и нелојалната конкуренција. Со нив ќе се зголеми и работната етика, а ќе се намалат дополнителните трошоци кои работодавачот е принуден да ги плати доколку не го почитува законот. Она што е најважно е дека со новите измени ќе се намали сивата економија и криминалните активности, истакна Митрeвски.