Ќе се гради фабрика за производство на бакар и бакарни производи

Украинската компанија КПМЕ ќе инвестира во преработката на бакар во три наоѓалишта во Македонија, две во Валандово и едно во Старо Нагорчане, Куманово. Оваа компанија потпиша договор со македонска компанија која ќе работи на геолошки истражувања и бушалски работи на овие наоѓалишта.По завршувањето на првата фаза, односно истражувањата во план е изградба на фабрика за преработка на бакар и производство на производи од бакар жици, цевки, катализатори.

„Оваа одлука за инвестиција е како резултат на едногодишната работа во Македонија.Имаше повеќе држави каде што планиравме за развој на овој бизнис како во Јужна Африка, Шпанија, Куба и други африкански држави, но се решивме за Македонија каде што почувствуваме најдобра инвестициска клима,“ изјави заменик претседателот на компанијата КПМЕ, Генидиј Сичов.

Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо истакна дека инвестицијата се очекува да биде повеќе од 100 милиони долари и ќе има 400-500 вработувања.

„По фазата на истражување, ќе биде изградена фабрика каде што со процесот на електролиза ќе се изработуваат бакар, бакарни катоди, бакарни цевки и бакарна жица. Бакарот е берзански производ, па ќе се продава на светскиот пазар согласно побарувачката,“ истакна Мизо.

Во некои од наоѓалиштата истражувањата ќе бидат подолг период, но кај едно од нив кон крајот на следната и почетокот на 2016 година ќе се изгради фабрика за краен прозивод од бакар што ќе биде прва од ваков вид кај нас.