Тешко се диши во Скопје во изминатите денови, а дополнително отежнувачки фактор за загадениот воздух во метрополата е густата магла.
Според метеоролозите, поголеми услови за преодно расчистување на маглата ќе има во текот на утрешниот ветер, пред се’ поради северниот ветер.
Владата веќе излезе со сет мерки за заштита од загадениот воздух, преку кои што до 21-ви декември ослободени од работа се бремените жени и лицата над 60 годишна возраст во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион поради загадувањето на воздухот кое деновиве е над дозволеното. Исто така, се препорачува работниците кои работат на отворено, како што се градежните работници тоа да го прават од 11 до 17 часот. Од една страна се заштитуваат работниците, а од друга страна со намалените градежни активности ќе се влијае на квалитетот на воздухот.
Им се препорачува исто така на градинките, основните и средните училишта во деновите до сабота да не изведуваат активности на отворено. Црвениот крст, центрите за социјална работа и единиците на локалната самоуправа да имаат проактивен пристап кон некои од ранливите групи како старите лица, бездомниците и други.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, пред неколку дена посочи дека исто така се препорачува во Градот Скопје и во општините Битола, Кичево и Тетово да се забрани движење на товарни возила од периодот од 7 до 21 часот, односно во градот Скопје да се пренасочи движењето на товарните возила по обиколницата. Во другите градови се препорачува товарните возила да не се движат низ центарот во тој период освен возила коишто пренесуваат леб и лекови. Локалните самоуправи се повикуваат интензивно да ги чистат улиците.
Една од одлуките е инспекторатите да вршат засилена контрола на компаниите и капацитетите што имаат А и Б еколошки дозволи или кои се во процедура на нивно добивање. Исто така да се контролриаат автосервисите и помалите сервиси кои користат масло за греење.
Владата ќе има средба во сабота, кога се очекува новата проценка на Управата за хидрометеоролошки состојби за временската состојба во земјата ќе се разгледа повторно состојбата со загадувањето во Скопје, но и во другите делови од земјата.