Општина Гевгелија за идната година планира да издвои 24 милиони денари или над 390.000 евра за изградба и реконструкција на локални патишта и улици.
Според Нацрт- програмата за општински патишта и улици во 2015 година, 16.200.000 денари во новиот Буџет на општината се планирани за изградба на нови патишта и улици. И тоа, во урбаните блокови 4,5,7,9,14 и 15, потоа сообраќајниците во мултинаменскиот комплекс Милци, улицата кон КПУ Затвор-Гевгелија, како и улици во Миравци, Богородица, Мрзенци, Прдејци и Давидово.
Од приоритетните зафати за подобрување на локалната патна мрежа во општината, останува изградбата на заобиколниот пат околу Гевгелија, за што веќе е нарачан проект за пробивање на Западниот булевар кон Дунќут, доизградба на патните правци Негорци-Серменин и за Ума.
Покрај ова, идната година се планира доизградба на патот до црквата Св.Богородица во Давидово, пропуст на локалниот пат за Милетково, уредување на влезот во Конско и на улици во Серменин, како и реконструкција на повеќе улици во општината.