Кога пред девет години археолозите потврдија дека гробницата на англискиот крал Ричард Трети се наоѓа под паркинг во Лестер, тие конечно можеа да стават точка на долготрајната потрага по една од најбараните гробници во светот.
Сепак, некои големи потраги по гробници сè уште траат бидејќи местата каде што се закопани некои од најпознатите историски личности сè уште се мистерија.
КЛЕОПАТРА
Кусо време откако Август со своите легии го нападна Египет во 30 година п.н.е., мистериозната кралица на Нил си го одзеде животот со труење. На нејзината смрт и претходеше смртта на нејзиниот љубовник, римскиот државник и војсководец Марк Антониј.
Старогрчкиот историчар, биограф и есеист Плутарх пишува дека овие двајца љубовници биле погребани во прекрасна кралска гробница во близина на Александрија и приказната завршува тука, оставајќи голема мистерија за археолозите. Некои веруваат дека мавзолејот завршил на дното на морето по земјотресите што ја погодиле оваа област во четвртиот и осмиот век и ја смениле топографијата на Александрија. Други тврдат дека двојката сигурно била погребана во близина на локалитетот Тапосирис Магна, антички храм исполнет со десетици гробници и мумии.
АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ
Александар Велики починал во Вавилон во 323 година п.н.е. Во согласност со неговата слава, починатиот крал воин бил ставен во златен саркофаг и сандак и на крајот бил однесен во Александрија. Неговото тело неколку години подоцна било преместено во мавзолеј каде што станал античка туристичка атракција. Јулиј Цезар и Август му оддадоа почит, а Калигула наводно му го украл оклопот за време на посетата на гробот во 1 век од нашата ера. Околу 199 година, римскиот император Септимиј Север ја скрил гробницата и тогаш и се губи секоја трага, а досега околу 150 експедиции се обиделе да ја пронајдат.
Повеќето истражувачи веруваат дека гробот на Александар сè уште е некаде во Александрија, додека некои веруваат дека можеби е преместен во Грција, Венеција или на некоја друга локација во Египет, пишува „Кафенисање.рс“.
АТИЛА ХУНСКИ
Водачот на Хуните, славниот Атила божји камшик, неславно го загуби животот во 453 година, кога наводно се онесвестил пијан на неговата прва брачна ноќ и се задушил со крв од носот. Воините на Атила му оддадоа почит на својот водач со ден на жалост и погребни игри пред да го закопаат во три ковчези – еден златен, еден сребрен и еден железен. Како што е случај со Џингис Кан, Атила бил погребан тајно, а несреќните затвореници кои го ископале гробот биле убиени за да се спречи грабеж на гробот. Иако се верува дека гробот е некаде на тлото на денешна Унгарија, сè уште не се пронајдени никакви траги, па постои сомнеж дека ковчезите биле украдени во годините откако бил погребан.
ЏИНГИС КАН
Овој монголски водач освоил повеќе територија од кој било во историјата, но многу малку се знае за тоа како изгледал, како умрел и каде бил погребан.
Легендата вели дека по неговата смрт во 1227 година, војниците ја исполниле желбата на Големиот Кан неговото место да се чува во тајност, касапејќи ги сите што ја виделе погребната поворка, а потоа извршиле самоубиство со што се заколнале дека засекогаш ќе молчат. Една група научници тврди дека луѓето го покриле гробот на монголскиот водач преминувајќи врз него со 10.000 коњи, додека некои тврдат дека преку гробот била пренасочена река за да се заштити од грабежи и сквернавење. Истражувачите се сомневаат дека гробницата на Џингис Кан се наоѓа во монголската покраина Хентиј, но и покрај деталното пребарување, ништо не е пронајдено, а оваа гробница стана најбараната награда во археологијата.
ВОЛФГАНГ АМАДЕУС МОЦАРТ
Кога познатиот композитор починал од мистериозна болест во 1791 година, неговото тело било ставено во дрвен ковчег и закопано во необележана масовна гробница на гробиштата Свети Марко во Виена. Таму лежел неколку години, сè до почетокот на 19 век, кога, во согласност со тогашната практика, најверојатно бил уништен за да се направи простор за нови починати, а локацијата каде завршиле остатоците останала непозната.
Потенцијално парче од телото на Моцарт повторно се појави благодарение на еден гробар вработен на гробиштата Свети Марко, кој тврдеше дека черепот на композиторот го извадил во 1801 година откако го обележал со метална жица кога првпат бил погребан. Черепот е предаден на Меѓународната фондација Моцартеум во Салцбург во 1902 година, но ДНК анализите не можат да докажат до денес дали тој навистина му припаѓа на Моцарт.
извор: Национална географија