Клинтон закрепнува од инфекција во болница

Поранешниот американски претседател, до 1993 до 2001 година, сега 75-годишниот Бил Клинтон во петокот сѐ уште е во болница, каде што закрепнува од инфекција којашто не е поврзана со коронавирусот, соопшти неговиот портпарол.

Клинтон во вторникот вечерта беше хоспитализиран во медицинскиот центар Ирвин на Универзитетот Калифорнија поради инфекција, рече неговиот портпарол Анхел Урена. Додаде дека поранешниот претседател „закрпенува“, како и дека е „буден е, се шегува и го шармира болничкиот персонал“.

Клинтон беше примен во болница откако се пожалил на замор и примил антибиотици, соопштија неговите лекари. Телевизијата CNN извести дека неговите лекари веруваат оти Клинтон имал уринарна инфекција која се проширила на крвотокот.

Поранешниот американски претседател во минатото имаше срцеви проблеми. Вградени му се четирикратни премостувања во 2004 година, а во 2010 година беше подложен на зафат поради проширување на закрчувањето на коронарната артерија.

Неговата сопруга Хилари Клинтон, поранешна државна секретарка и неуспешна претседателска кандидатка во 2016 година, била во болницата во четвртокот вечерта, пренесуваат американските медиуми.

Белата куќа објави дека претседателот Џо Бајден планира да разговара со поранешниот претседател и сопартиец од редовите на демократите подоцна во петокот.