Кнесетот ја потврди владата на Нетанјаху и Ганц

Израелскиот парламент Кнесетот ја потврди во неделата новата коалициска влада на досегашниот десничарски премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот главен противкандидат на изборите, центристот Бен Ганц.

Довербата на новата 35-та по ред влада на Државата Израел ѝ ја дадота 73 пратеници, а 46 биле против, од вкупно 120 мандати во 23-от состав на Кнесетот.

Со давањето на свечената обврска на членовите на новата израелска влада на национално единство предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху во неделата се завршува политичката криза која траеше повеќе од година и половина, период во кој Израелците дури трипати излегуваа на избирачките места, поради изборните резултати кои не дадоа јасен победник.

Нетанјаху во неделата, по повеќеседмичните преговори за формирање на владата и биорбата за сопствен политички опстанок, во израелскиот парламент ја претстави новата влада со рекордни 36 министерства, најголема во историјата на еврејската држава.

„Новата влада е формирана со поддршка на мнозинството и ќе биде влада на сите Израелци“, рече Нетанјаху во Кнесетот пред гласањето за неговата влада.

Договорот на Нетанјаху со Ганц од партијата Сино и бело, му го отвара на лидерот на десничарскиот Ликуд патот кон дефакто анексијата на делови од Западниот брег (на реката Јордан), кој Палестинците ги бараат за своја држава, а меѓународната заедница ги смета за окупирани територии во војната од 1967 година.

Во неделата како свој прв потег Нетанјаху најави и дека ќе го прошири израелскиот закон врз еврејските доселенички населби на Западниот брег. Тој смета дека со овој потег Израел ќе се прибилижи до постигнувањето мир со Палестинците и додаде дека тоа ќе го стори во координација со САД.

„Дојде времето израелскиот закон да се прошири на населбите и да почне ново поглавје во историјата на ционизмот“, рече меѓу другото Нетанјаху во говорот во парламентот.

Поранешниот воен командант Бени Ганц рече дека гласачите им оставиле два избора: да го прекинат ривалството или да дозволат влегување на земјата во „некој вид граѓанска војна“. Според договорот за коалицијата, Нетанјаху ќе ја води владата до средината на ноември 2021 година, а потоа премиерската должност ќе ја преземе Ганц.

Ганц рече дека среде кризата со коронавирусот „на сите им е јасно“ дека ова не е време за придржување до „вчерашните принципи“, со што ја бранеше својата одлука за соработка со Нетанјаху, иако претходно пред сите три избори одржани во изминатите 18 месеци ветуваше дека никогаш нема да коалицира со премеирот кој е под обвиненија.

„Народот сакаше единство и тоа е она што го доби“, изјави Нетанјаху кому следната седмица на 24-ти мај му започнува судењето за корупција, злоупотреба на овластувањата и измама. Најдолговечниот израелски премиер ги отфрла сите обвинувања.