Кој е Расим Зубери – кандидат за директор на Агенцијата за квалитет за високото образование со фалсификувани документи

Деновиве македонската јавност е вчудоневидена што слушa и со неверување прашуваат зарем е ова можно што се случува кај нас во Македонија. Па така, со ова мое писание се обраќам до академската, универзитетска, политичка и поширока јавност во Македонија со прашање: Која треба да биде одлика на едно современо посакувано општество и нивото на квалитетното образование која се реализира во тоа општество, односно квалитетот од произлезениот продукт кој ќе биде спремен да се соочува со предизвиците на современото општество?

Република Македонија од осамостојувањето, па се’ до ден денес, никако неможе да си го најде правиот пат, пат кој го води до такво едно квалитетно образование. Ова е, пред се’, како резултат на недефинирани јасни стратешки приоритети за развојот и движењето на државата и големото политичко влијание при дефинирање на (какви-такви) приоритети.

Со години, креирањето на погрешни образовни политики, поставување на некомпетентни и нестручни личности на клучни позиции во образовните институции, тела и установи во државата, придонесуваше образованието во Република Македонија, да е на најниското ниво или воопшто да го нема, според сите спроведени релевантни рангирања на европско и светско ниво, на сите нивоа на образованието, вклучувајќи го и високото образование.

Кога на сето ова ќе се додаде и вмешаноста на политиката, односно присуството на тесно-партиските интереси при назначување на некомпетентни, нестручни и несоодветни лица, екстремно експонирани политички личности, на раководни функции и задачи во образовните институции, установи, тела и органи, тогаш нема што да очекуваме некоја светла иднина за образованието, а и за општеството во целина.

Предложен кандидат за директор на Агенцијата за квалитет за високото образование (АКВО)

Еден таков свеж пример е токму случајот поврзан со веќе покренатата процедура за именување на директор на Агенцијата за квалитет на високото образование (АКВО), како стручно тело, кое е најкомпетентно и надлежно за остварување на Системот за обезбедување, оценување и унапредување на квалитетот на високото образование, според член 40 став 2 од Законот за високо образование (Сл.весник на РМ бр.82/2018 и Сл.весник на РМбр.178/2021).

Имено, на 07.11.2023 година, од страна на Собранието на Република Македонија, беше објавен Јавен Оглас за именување на директор на Агенцијата за квалитет на високото образование (понатамошен текст АКВО). На 24.01 2024 година, Комисијата за прашања за избори и именувања при Собранието на Република Македонија, за директор на АКВО го предложи да биде именуван, од страна на Собранието, Расим Зубери, роден во Гостивар, дипломиран економист и доктор на економски науки, вработен на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово (УЈЕТ).

Овој предлог, сеуште не е изгласан (или јас незнам) од страна на пратениците во Собранието на Република Македонија, од причина што има огромни реакции, незадоволства и приговори во начинот на доставениот Предлог за именување на директор на АКВО, во делот на неточно изнесените податоци од страна на кандидатот Расим Зуфери, до Собранието на Република Македонија, за стекнувањето на научно звање-доктор на економски науки, што довело до манипулирање на членовите на Комисијата за прашања за избори и именувања при Собранието на Република Македонија, при донесување на Предлог-Одлука за именување на Расим Зуфери за директор на АКВО.

Уште пред да се „устоличи“ на директорското место, на една од најважните установи во државата, одговорна за тековите на високото образование со надлежности пропишани во Законот за високо образование (во натамошен тек ЗВО) за воведувањето на Системот за обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност во високото образование и научните установи во Република Македонија, предложениот кандидат  за директор на АКВО, Расим Зубери, се „преставува“ со Си-Ви (биографија), која се карактеризира со неточни изнесени податоци.

Што е карактеристично?

Во биографијата и другите документи: дипломите од трите циклуси, Потврдите за доказ за најмалку десет години работно искуство во областа на високото образование на Расим Зуфери, предложениот кандидат за директор на АКВО, од страна на Комисијата за прашања за избор и именувања при Собранието на Република Македонија, стои дека:

  1. Кандидатот, Расим Зубери, за директор на АКВО, во биографијата навел дека е „Дипломиран економист“, со период на студирање од 1986-1992 година (4-годишни студии ги завршил во рок од 6 години студирање?!).

Додека пак, на самата Диплома бр.17 од 03.12.2001 година, кандидатот Расим Зубери, издадена од страна на Економскиот факултет при Универзитетот во Приштина, која е доставена во прилог на документацијата при конкурирање за директор, е наведено дека „ги положил предвидените испити, дипломирал на Економскиот факултет на Универзитетот во Приштина, на 17.05.1994 година (што не кореспондира со податокот изнесен во биографијата на Расим Зубери, дека додипломските студии му траеле 8 години дипломирал во 1992 година, што наведува и до фактот дека не е точна информацијата од 6 години како што навел во биографијата). Од друга страна пак, на табелата која е и доставена до членовите на Комисијата и гласале, стои дека: „Расим Зуфери е дипломиран економист, кој дипломирал на Економскиот факултет на Универзитетот во Приштина, во 2001 година“.

Како е дозволено, без да се врши никаква проверка од службите на Собранието на Република Македонија, и да се дозволи за еден факт – години на дипломирање, односно да се достават три различни податоци, различни години на дипломирање.

Акт за секоја осуда!

  1. Кандидатот за директор на АКВО, Расим Зуфери, како „Магистер по економски науки“, во биографијата навел, дека Магистрирал во 2005 година, на Економскиот факултет на Универзитетот во Приштина. Додека пак, на табелата која и е доставена на членовите на Комисијата за прашања за избори и именувања при Собранието на Република Македонија, врз која членовите на Комисијата и гласале, стои дека: „Расим Зуфери е магистер по економски науки, кој магистрирал на Економскиот факултет на Универзитетот во Приштина во 2006 година“ (неточни податоци, што претставуваат кривично дело).
  2. Кандидатот за директор на АКВО, Расим Зуфери во биографијата, исто така, нема наведено кога се запишал на докторски студии, односно колку години, колкав временски период му требало за заокружувањето на докторските студии, туку е наведено само фактот дека Докторирал и станал Доктор на економски науки на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово (во натамошен текст УЈИЕ-Тетово), во февруари 2022 година. И во самата диплома за завршен трет циклус на студии-докторски студии, бр.1012-653/1 од 17.02.2022 година, издадена од страна на Факултетот за бизнис администрација при УЈИЕ-Тетово, е наведено дека Расим Зуфери докторирал и станал Доктор на економски науки на 17.02.2022 година, без да се наведе годината на запишување на докторски студии.

Се поставува дилемата, зошто се крие фактот која година се запишал на докторски студии кандидатот Расим Зуфери, кој на 56-годишна возраст докторирал во временска дистанца од 17 години, од годината на неговото магистрирање???

Од друга страна, постојат факти дека запишувањето и докторирањето на кандидатот Расим Зуфери е спротивно на ЗВО, со фалсификат изнесени податоци и документи при запишување и постапки при заокружувањето на докторските студии.

Имено, кандидатот Расим Зуфери првично се „запишал“ на докторски студии, по „таканаречен“ менторски систем, Универзитетот Тетово (УТ или ДУТ) во 2013 година. Не успеал да докторира, и на 20.07.2020 година, УТ носи Решение бр.02-1431 од 20.07.2020 година, за престанок на статусот на студент на докторски студии на УТ.

После оваа ситуација (престанок на статусот на студентот на докторски студии на УТ), Расим Зуфери се префрлил, преку трансфер на УЈИЕ-Тетово, каде продолжил со докторски студии и докторирал на 17.02.2022 година, една година и 7 месеци, по престанокот на статусот студент на докторски студии, со Одлука на УЈИЕ-Тетово. А, во  дипломата од трет циклус на студиски докторски студии е наведено дека докторирал на студиска програма со 180 ЕКТС кредити, што преставува тригодишни студии.

Апсурд над апсурдите!!!

Во Дипломата бр.1012-653/1 од 08.03.2022 година, завршен трет циклус на студии-докторски студии од страна на Расим Зуфери, издадена од УЈИЕ-Тетово (објавена на интернет страната на Собранието на РМ) е наведено дека „Расим Зуфери ги положил сите испити на докторски студии на студиски програма Бизнис администрација 180 ЕКТС кредити, со просек на оценка 9,00, и ја одбранил докторската дисертација под наслов: „Влијанието на промоцијата врз перформансите на бизнисите: Модераторниот ефект на буџетот за промоција и интелектуалниот капитал“ и се здобил со научен степен Доктор на економски науки-Бизнис администрација“.

Дипломата бр.1012-653/1 од 08.03.2022 година, за завршен трет циклус на студии од страна на Расим Зуфери, издадена на УЈИЕ-Тетово, НЕ Е ИЗДАДЕНА во форма на содржина како што е пропишано во „Правилникот за содржината и формата на дипломата, упатсво за подготовка на додаток на дипломата и на другите јавни исправи“ (Сл.весник на РМ бр.102/2018 г.), донесен од страна на Министерството за образование и наука, на 1 јули 2018 година, а каде се пропишува содржината и фомата на дипломите од сите три циклуси на високообразовните студии, упатсво за подготовка на додаток на дипломата и на други јавни исправи (уверение, индекс и студентска легитимација).

Ова насочува до потврдениот заклучок, дека се прикрива фактот дека Расим Зуфери НЕ докторирал на студиската програма од времетраење од 3 години (180 ЕКТС кредити), како што е наведено во Дипломата, туку докторирал за 1 година и 7 месеци. Ова преставува уште едно изнесување на неточни податоци, и преставува факт за покренување на кривична одговорност за УЈИЕ-Тетово, каде е наведено: Расим Зуфери на докторски студии на студиска програма бизнис администрација со 180 ЕКТС кредити – тригодишна студиска програма се здоби со наречен систем доктор на економски науки-Бизнис администрација, а во реалност докторирал во 2022 година, за нешто повеќе од 1 година временски период, а не за најмалку три години предвиден временски период, како што е пропишано во ЗВО.

Ова е факт за покренување на кривична постапка за издаден јавен документ – диплома спротивно на Закон!!!

Согласно ЗВО, запишувањето на докторски студии, според Т.Н. „менторски систем“, можел да се спроведел заклучно со аплицирање во 2009 година, и не може да се спроведе трансфер на студии ОД „менторски систем“ организиран на еден Универзитет УТ во Тетово“, на „докторски студии со 180 ЕКТС кредити, на друг универзитет УЈИЕ-Тетово, како што има постапено и реализирано Расим Зуфери, а го одобрил незаконито УЈИЕ-Тетово.

Дополнителен доказ дека се работи за спротивно на ЗВО стекнат наречен степен – доктор на економски науки, од страна на Расим Зуфери е и следниот податок. Како е можно да му биде овозможено да се запише на докторски студии на УЈИЕ-Тетово, со средна оценка од 6,5 на додипломски студии и помала од осум на магистерски студии, бидејќи е спротивно на член 21 од „Правилникот за третиот циклус на академски студии-доктор на студии“, каде е наведено дека еден од основните критериуми за упис на докторски студии на студентот е да има просек 8,00 и повисок од првиот и вториот циклус на студии?

Еден од условите, согласно член 56, став 3 точка 2 од ЗВО, стои дека „За директор на АКВО може да биде именувано лице кое има најмалку десет (10) години работно искуство во областа на висгокото образование“.

А) Расим Зуфери при конкурирање за директор на АКВО, доставил до Собранието на Република Македонија, Потврда бр.03-4600/1 од 15.07.2023 година, издадена од  страна на УЈИЕ-Тетово, во кое се наведува дека „Расим Зуфери од Гостивар, е во редовен работен однос на Факултетот за бизнис и економија на УЈИЕ-Тетово од 01.04.2022 година, во својство на научен соработник, исто така и Продекан на Факултетот за Бизнис и економија.

Овој податок не е точен, односно е фалсификуван или пак е во „функција на исполнување на еден услов за именување на директор на АКВО“. Имено, согласно член 35 и 36 од Законот за научно-истражувачка дејност (Сл.весник на РМ бр.257/20 и 163/2021): „Истражување во субјектите завршени на научно-истражувачка дејност се избираат во научни звања. Научни звања се: научен соработник и виш научен соработник. Научен соработник може да биде лице кое има научен степен докторски науки, од подрачјето за кое се избира… Овој податок во Потврдата бр.03-4600/1 од 15.07.2023 година од УЈИЕ-Тетово, обезбедени од страна на Расим Зуфери, е со неточни податоци, од причина што Расим Зуфери докторирал во 2022 година и нема никаква можност и право да биде вработен, од 2012 година, во редовен работен однос на Факултетот за Бизнис и економија на УЈИТ-Тетово, во својство на научен соработник, исто така и Продекан на Факултетот за Бизнис и економија.

Сите овие неточни податоци изнесени од страна на Расим Зуфери, преставуваат кривично дело и претставуваат дополнителен факт дека кандидатот за директор на АКВО – НЕМА 10 години работно искуство во областа на високото образование.

Ова преставува преседан и повод за покренување на кривична одговорност за кандидатот Расим Зуфери, за неточни и фалсификувани изнесени податоци во постапката на конкурирање за директор на АКВО, на Јавниот оглас објавен на Собранието на Република Македонија, на 07.11.2023 година.

Точен факт!

Точно е дека Расим Зуфери е од Гостивар и е член на огранокот на политичката партија ДУИ во Гостивар, односно е член на Надзорниот одбор на таа партија избран на 11 декември 2023 година. Од тој партиски огранок на ДУИ сега техничкиот премиер Талат Џафери и пратениците на ДУИ: Вјолца Латифи Адеми, Арта Билали – Зендели. Ова е доволен податок за грубо мешање на политиката во постапката на именување на директор во едно стручно тело, како што е АКВО.

Истата оваа реакција ќе се достави до сите домашни и меѓународни институции-амбасади во Македонија и пошироко.

На потег се пратениците во Собранието во Република Македонија, како и Основното јавно обвинителство!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес