Кој, кога и каде ќе се вакцинира против Covid-19

vaccino anti covid

Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил информираше дека во тек се подготовките во Модуларната болница каде од среда треба да започне вакцинацијата против Covid-19.

„Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот“, напиша Филипче на социјалната мрежа.

Првата пратка од 4.680 вакцини од предвидените 8.000 вакцини на компанијата „Pfizer“ кои се донација од Србија пристигна вчера во земјава. Кон средина на месецов се очекуваат и 200.000 вакцини од кинеската компанија „Sinopharm“. Tреба да пристигнат и дополнителни дози од „Pfizer“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Covax системот.

Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението.

Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција.

Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.