Кој манипулира со крстот на Попова Шапка? Во морето на дивоградби на некои партии им смета само крстот!

Откако беше поставен крст висок 15 метри кај манастирската црква Свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка, се огласи Општина Тетово од каде велат дека не е издадена дозвола за крст да се постави на државно земјиште и дека ќе се дејствува согласно законот. Од манастирот велат дека крстот е поставен на црковно земјиште, дека е верско обележје и дел од урбана опрема.

„Општина Тетово сака да даде појаснување околу поставениот крст на Попова Шапка. Истиот е поставен без соодветна дозвола.

Општинските инспектори излегоа на терен за да ја проверат фактичката состојба и да извршат проценка, според која ќе бидат преземени законски мерки за гарантирање на целосно спроведување на правилата и процедурите.

Општина Тетово во овој случај ќе ги почитува сите законски процедури, како што тоа го правеше и досега“, изјави портпаролката на Општината, Бесарта Рамадани.

Претходно советничката група на ДУИ во Тетово одржа прес-конференција упатувајќи критики кон Општината чиј градоначалник е Биљал Касами, лидер на опозициската Беса, барајќи образложение кој во Општината и зошто дал дозвола за поставување на крстот.

„Дали поставувањето на овој крст е нешто претходно договорено меѓу Беса на Билал Касами и ВМРО ДПМНЕ, услуга чувана во тајност од граѓаните за помошта што ВМРО и ја понуди на Беса на локалните избори за Општина Тетово?

Нереакција на општината и тенденцијата сето ова да помине во молк, доволно говори за договорот меѓу ВМРО и Беса. Но, тетовчани не молчат, нема да молчиме ниту против овој скандалозен пазар!“, велат од ДУИ

„Сакам да изразам една фрапираност, бидејќи бевме свикани на оваа вонредна седница како да се работи за некој земјотрес, пожар или некоја друга катастрофа. Ова е работа на институциите. Кај нас постои секуларност на општеството. Ние сме за почитување на законите, но со еднаков третман за сите чинители во општеството. Не ја гледавме ваквата ваша загриженост кога се градеше џамијата на Попова Шапка, а ние македонските верници воопшто не бевме против верските чувства на муслиманите. Во овој случај, покрај законито постапување на службите повикуваме и на разум за да не се разгорат верските тензии меѓу граѓаните. Потенцирам, се работи за постамент поставен на имот на Македонската православна црква. Крстот е составен дел на храмот и не може да се третира како посебен објект“, кажа Анита Бошкоска-Јованоска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Овој став на ВМРО-ДПМНЕ беше подржан и од советничката група на СДСМ, но ова воопшто не ги смири страстите на советниците па бурната расправа продолжи и понатаму поради што советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.

Претходно реагираше и Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од каде најавија итна седница „по повод притисоците на институциите предводени од ДУИ и СДСМ насочени кон кршење на Уставот и правото со кое се гарантира слободата на вероисповеста и изразување на верата на Македонците во Тетово“.

„Сметаме дека неовластеното и спротивно на закон присуство на бројни државни институции во црквата Свети Наум Охридски на Попова Шапка е директен притисок насочен кон создавање на тензии помеѓу граѓаните“, се вели во соопштението на ОК ВМРО ДПМНЕ Тетово.

Црквата е изградена во 1993 година.

Претседателот на Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски преку социјалните мрежи повика на внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка.

„На Попова Шапка со години наназад гради кој каде ќе стигне. Тоа и покрај повиците на многумина стручни лица, но и сопственици на викенд куќи и хотелиери, Општина Тетово не најде за сходно да го разреши преку усвојување на урбанистички планови и соодветно одобрување на изградба, поставување времени објекти, опрема и инсталации, но и соодветна непристрасна и неселективна надзорна и казнена поставеност. За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, Крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот“, прашува Сотировски.

Поставувањето на крстот на Попова Шапка е уште еден доказ дека постојат мрачни сили кои прават се за да го оттргнат вниманието на граѓаните. Играњето на картата на тензија во меѓунационалните и меѓуверските односи е уште еден обид на некој да се извлече сув и чист од калта“, вели Демократското движење во писменото соопштение.

„Сепак, се надеваме многу и убедени сме дека Албанците нема да паднат во оваа оркестрирана замка за веќе познати цели. Очигледно ова е дело на очајници кои сакаат преку овој чин да освојат некакви политички поени. Демократското движење апелира до населението да биде воздржано додека не се разјасни кој всушност стои зад ова сценарио.

Демократското движење се надева дека и меѓународниот фактор ќе ги активира своите механизми за да ги спречи искрите кои можат да го експлодираат бурето со барут на проблематичниот Балкан“, се додава во соопштението на Демократско движење.

За дивоградбите

На 18 јуни 2017 гоидна во присуство на највисоките претставници на ИВЗ предводени од реисот Сулејман ефенди Реџепи и тетовскиот муфтија Ќани Несими на Попова Шапка беше поставен камен темелник на џамијата за која се немаше добиено дозвола за градба. И покрај тоа што тогаш од општинскиот инспекторат има дадено решение за запирање на градежните активности, тоа не го спречи инвеститорот Тетовското муфтиство да продолжи со градежните активности.

 

„Ставаме камен темелник на овој свет храм, џамија, на ова историско и туристичко место, на оваа прекрасно место каде големиот бог ја создал оваа убавина. Ова е исклучителен историски резултат. Јас не сум прочитал дека порано тука имало џамија, но еве сега и тоа ќе се реализира“, истакна реисот  Сулејман ефенди Реџепи при поставувањето на камен темелникот.

За тоа што нема градежна дозвола за изградба на џамијата, реисот Реџепи рече дека ако цела Попова Шапка нема урбанистички план тогаш сите хотели, викенд куќи па и манастирот на Попова Шапка се дивоградби и не знае зошто за џамијата се бара дозвола. Тој исто така рече дека нему уште пред повеќе години му било ветено дека тука ќе се гради џамија, но досега тоа не било направено бидејќи тогаш немало волја тука да се изгради џамија.

Според трите билборди поставени на патот кон Попова Шапка, џамијата која се гради ќе биде на три спрата со големо минаре и пропратни објекти.

Дека станува збор за класичен пример на дивоградба потврдуваат и од Секторот за урбанизам на Општина Тетово.

„Пред неколку месеци на јавен увид беше ставен детален урбанистички план за викенд населбата на Попова Шапка, но потоа беше повлечен поради неажурирани податоци. Во тој детален план нигде не била вцртана, односно не е предвидено изградба на  верски објект џамија. Ние како сектор за урбанизам за посоченото месо на кое во моментов се вршат градежни активности, немаме издадено никаква градежна дозвола и ако таму се вршат некои градежни активности, тоа се работи без дозвола и на диво. Исто така ние немаме дадено дозвола и за поставување на трите билборди на патот кон Попова Шапка па и тие се еден вид дивоградба“ изјави тогаш за Сдк.мк Неџати Беџети раководител на секторот за урбанизам на Општина Тетово.

Од една страна ски- центарот, од друга страна влезот за во викенд населбата Попова Шапка. При самиот влез ќе наидете на нови станбени и деловни објекти коишто се во фаза на изградба меѓу нив и една нова џамија.

За новоизградените објекти во мај 2021 година од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ рекоа дека на терен констатирале околу 90 дивоградби со кои дополнително се бетонира Попова Шапка, пренесе ТВ 24 вести.

„Ние како иницијатива минатата година направивме претставка до Министерството за транспорт и врски, Инспекторат за градежништво – Јавното обвинителство на општина Тетово да се превземе некоја активност врс основа на тие дивоградби тие се околу 90 на број. До денес немаме никаков одоговор, нормално, бидејќи тие се вили на функционери од владејачката гарнитура, така да државата нема сила да превземе некоја одговорност или уривање на истите“, рече тогаш Хамид Сулејмани од граѓанската иницијатива „ Да ја спасиме Попова Шапка“ .

Прашање е кој игра на картата на верските чувства во дивиот хаос на Попова Шапка. Дали партиите се под влијание на вехабистичко-селафистички елементи? Или, под притисок на припадници на Исламска држава кои се повратници во регионот? Или, пак, ова е само евтин трик на поедини политички партии пред изборите.

Која дивоградба е поголема? Или, кој проценува што е дивоградба?