„Предлагам да пристапиме кон создавање консензус за опстојба и одржлив развој на Македонија, поддржан од политичките субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција.“ – кажа претседателот на Македонската академија на науки и уметности Љупчо Коцарев денес во своето „Слово за академик Божин Павловски“ по повод неговиот јубилеј 80 години од раѓањето и 60 години од творештвото.
Покрај другото, Коцарев во својата реч по овој повод истакна: „Живееме во бурни времиња, а Македонија е ‘во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа’, како што кажал Петре М. Андреевски, а јас би додал, и во неа. Како да опстоиме во такви времиња? Како македонска Македонија да не исчезне? Предлагам и да пристапиме кон создавање консензус за опстојба и одржлив развој на Македонија, поддржан од политичките субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција.“
„Веќе 60 години академик Павловски со своето монументално дело – дваесет и двата романи што денес ги промовираме – се обидува да им се спротивстави на разнебитувањето на Македонија и на исчезнувањето на Македонците. Академик Павловски преку своето творештво шири просветителство, проповеда за Македонија и нејзината култура.
„Со своите „’книжевни карактери’, во кои ‘се притаени многу страдалници и современици од реалниот живо’, со тоа свое огромно и непроценливо творештво Павловски сведочи дека Македонија во ‘вечната темнина ниту се гаси, ниту светлост губи’.“