Скандалот со банката „Еуростандард“ се продлабочува, велат од ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека Зоран Заев призна дека како премиер имал информации за лошата состојба во банката речиси пред една година. Наспроти ова, велат од партијата, министерката за финансии Нина Ангеловска изјави дека немала информации за пропаѓањето на банката.
Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција праша кој ја лаже јавноста, Заев кој вели дека имал информации и добивал извештаи, или министерката за финансии која вели дека немала информации а која само месец и половина пред пропаѓањето на банката ги повлекла средствата.
„Зоран Заев е должен да одговори кој му ги давал извештаите за состојбата со банката: Дали гуверерката го информирала за банката и по кој основ? Или министерката за финансии која пак вели дека не знаела за банката иако е дел од Комитетот за финансиска стабилност?“, праша Кочоска.
Дополни дека ако Зоран Заев знаел за пропаѓањето на Банката тогаш тој бил и најповикан да ја спаси од пропаст банката во која пропаднаа заштеди и се блокирани над 100 илјади сметки. Кочоска откри дека досега само 10 илјади луѓе имаат отворено сметка во друга банка и пријавено во фондот за пензиско осигурување.
„Што ќе се случува со пензионерите кои нема навреме да ја земат својата пензија?“, праша Кочоска.
Побара обвинителството и финансиската полиција да отворат случај за пропаѓањето на банката и кој се бил инволвиран во скандалот. Дополнително да се испита зошти нема ревизорски извештај банката за 2019-та година и зошто свесно тоа се толерирало.