Кога комедијата преминува во трагедија

страшо ангеловски

Повеќе од месец и половина одолевам на поривот да напишам нешто за комедијата со оставките на Заев на обете претседателски функции, после катастрофалниот пораз на партијата што ја имаше киднапирано, на локалните избори. Не пишував бидејќи од комедијант како Заев очекував тој настан да не биде едночинка на која ќе се посмееме и ќе ја заборавиме. Очекував, како што и се случува, комедијата, низ чинови што следат, да продолжи да се развива.

Истовремено, одолевав на поривот да пишувам за уште една комедија, во изведба на веќе сериозен, професионален комедијант, која се одвива како многучинка за која сметаме дека е далеку од нас, а која се заканува да стане наше соседство. За комедијата на комедијантот Зеленски и Украина.

И, бидејќи обете сериозно се закануваат од комедии да преминат во трагедии, онаа на Зеленски со несогледливи последици за човештвото, а онаа на Заев со несогледливи последици за натамошното македонско постоење, текстов ќе се одвива паралелно во Украина и Македонија, со главни улоги на двајца комедијанти, свесни или не за своите улоги на создавачи на трагедии. Всушност, нели сите кловнови се тажни во своите трагични судбини.

Обајцата, и Зеленски и Заев се инсталирани на власт од странски служби, после шарени или обоени револуции, штедро финансирани и помогнати токму од тие странски служби. Инсталирани за да го „спречат руското влијание“, секој на својот простор, а всушност, да го овозможат непреченото влијание на оние кои ги инсталираа. И од нивното инсталирање на власт, двете држави стануваат нефункционални, зависни од инструкциите на менторите, и како комедијантски општества, служат за потсмев во меѓународната заедница.

Во меѓувреме, обајцата, сервилни кон странските авторитети, се клештат како зелени на секој свој потег штетен за сопствената држава, но за кој се потапкани по грбот од некој третокласен странски бирократ. Несвесни дека како на кутриња после секој добар „апорт“ (извршена наредба), газдата, како награда, им фрла некоја оголена коска.

Желба на секој комедијант – улога во трагедија

И можеби кога ќе го имате пред себе текстов на прочит, оставката на Заев на узурпираното премиерско место ќе стане реалност, што нема ништо суштински да промени во натамошното (не)функционирање на оваа Влада на ДУИ. Имено, секој оној кој барем и накратко помислил дека Зоран Заев е оној кој ја раководи и има одлучувачки збор во оваа веќе четиригодишна Влада, конечно ќе прогледа и јасно ќе види дека Заев беше само куклата придвижувана со конци. А, конците ги мрдаа оние кои го инсталираа Заев, заедно со оние кои беа пресудни во неговото инсталирање – ДУИ.

За жал, ДУИ веќе четири години ја води државава во амбис. Ја води внатрешната политика во насока на целосен банкрот на државата и прелевање на буџетските пари во приватни џебови на луѓето блиски на ДУИ. Со тоа создава внатрешно целосно нефункционална држава која еден ден, многу скоро, ќе биде принудена да објави мораториум на своите долгови.

Преку Бујар Османи, ДУИ ја води и надворешната политика според сопствена агенда. Ја води во насока на целосно бришење на постоењето на македонскиот народ, преку тајни договори со Софија. И кога еден ден ќе се разбудиме, во Уставот ќе постојат само македонски Бугари и Северномакедонци. Тоа, за жал, ќе биде единствениот избор за етничка припадност на Македонецот. Од друга страна, ќе постои еден процент од населението со зацементирана етничка припадност – Албанци. И не случајно ДУИ работи на „Албанскиот прстен“ – Приштина – Скопје – Тирана и го пушта Заев да потпишува некакви договори на „Отворено општество“, за Отворен Балкан. Со тоа, многу скоро Македонија ќе стане целосно нефункционална држава и на меѓународен план.

Така, комедијантот Заев, својата улога заради која и беше инсталиран, ќе ја заврши во најголемата трагедија за македонскиот народ – трагедијата на исчезнувањето.

Тропкањето на оружјето надалеку се слуша

Оној, пак, другиот, професионалниот комедијант од Украина, Зеленски, полека но сигурно, станува најголемата закана за светскиот мир. Свесно или не, влегува во најголемата американска игра за провоцирање воен судир со несогледливи последици. Ја внесе Украина во полето каде се борат слоновите и многу лесно може да се случи да заврши како изгазена трева. Но тоа е, за жал, судбината на државите со инсталирани раководства.

Овде, дефинитивно најмногу треба да не загрижи неможноста на ЕУ да изгради сопствена политика, и нејзината подготвеност да биде маша во рацете на американската политика. Со тоа и ЕУ се доведува во ситуацијата на Македонија и Украина – да биде нефункционална како заедница и да ја очекува неизвесната иднина на своето натамошно постоење. Нешто што и не е толку битно во споредба со фактот дека полека, но сигурно токму ЕУ станува монетата за поткусурување во судирот меѓу големите сили и дека, недајбоже, можна воена разврска би се одвивала токму на европска територија. Воена разврска после која ниту ЕУ ќе постои, ниту Софија ќе поставува услови, ниту Атина ќе се порадува на промената на нашето име. Трескавичното вооружување на големите сили како да не’ враќа во триесеттите години на минатиот век и како, за жал, да го најавува токму тоа.

Единствениот кој очекувајќи ја подготвено постмеркел ерата, се обиде да ја наметне сопоствената држава како лидер и тој лично како предводник во ЕУ, за да ЕУ стане каков таков партнер, беше претседателот на Франција, Емануел Макрон. Токму заради тоа, беше казнет и повлечен за уши, преку АУКУС договорот меѓу САД, Австралија и вечниот подбуцнувач Велика Британија.

За жал, така е кога народите дозволуваат инсталирани комедијанти да одлучуваат за нивната судбина. Тогаш, комедијата лесно преминува во трагедија. Што би рекле нашите стари – од играчка, плачка.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес