Кога Уставиот суд и владеење на правото стануваат фарса

Само како пример: кога Врховниот суд во САД одлучувал за уставноста на афирмативната акција во познатиот случај „Бајк версус Калифорниа“, судиите биле поделени околу одлуката во три групи. Не сум прочитал дека некој во САД побарал Судот да одлучува поинаку. Освен врз основа на правото. Замислете некој да го постави прашањето дека афро-американските судии во Судот биле надгласани од страна на мнозинството бели судии. Правото нема боја, не познава раса, не познава мајоризација. Не може да биде корумпирано од страст, политички емоции или ирационално однесување на политиката. Освен кај нас.

Законот за јазиците ќе го блокира Уставен суд?! Уставните судии од албанската заедница ќе ја бојкотираат седницата на Уставниот суд на која треба да се разгледува иницијативата со која се оспорува Законот за употреба на јазиците. Тоа е тој Бадинтер со македонски шмек. Тоа е горчливата реалност која ни се случува во Македонија, а која сум ја предвидел уште во 2008 година, со аплицирањето на бадинтеровото мнозинство во креирањето на демократските институции во државата и носењето на одлуки во нив: „процесите кои ни се случуваат во Република Македонија во поглед на консезуалното креирање на институции и носењето на одлуки според принципот на бадинтеровото мнозинство ќе го блокираат не само владеењето на правото во државата, туку ќе го блокираат и дегенерираат самиот демократски процес, без можност за вистински уставен checks and balance“.

Секако дека уставните судии од албанската заедница кои најавуваат бојкот на седницата на Уставниот на која треба да се разгледува иницијативата со која се оспорува Законот за употреба на јазиците знаат дека во демократијата од витално значење е јавноста и оние што се појавуваат пред судиите да веруваат дека нивните случаи ќе се решаваат во согласност со правото. Ова нема да може да се постигне ако судиите и судството како целина не се независни од надворешни притисоци и едни од други. За судиите да ја извршуваат својата уставна одговорност за обезбедување правична и непристрасна правда, единствено релевантни факти и закони се тие што треба да ја формираат основата на нивните одлуки. А, не да бидат заробени од притисокот на политиката и нивната етничка припадност кои може да го искриват нивното одлучување. И, секако, однесувањето на судиите мора да биде согласно принципите на чесност и почит и може да бара ставање на обврските од судиската функција над нивните лични интереси. За малку ќе ја заборавев е непристрасноста (исто така наречена рамноправност или праведност) во нивното постапување и одлучување што е принцип на правдата според кој одлуките треба да се засноваат на објективни критериуми, наместо врз основа на пристрасност, предрасуди или претпочитање на користа на едно лице пред друго поради несоодветни причини. Изгледа ова не го предвидел Бадинтер, или уставните судии од албанската заедница  поинаку го толкуваат.

Со години се обидувам да разберам како политиката, но, за жал, и македонската академска јавност имаа широка апсорпциона моќ за идеите кои се пласираат како политички нуспродукт на демократскиот развој на земјава, без притоа да се реагира соодветно. На пример: се премолча фактот дека консензуалната демократија е екстремно флексибилна во поглед на креирањето и водењето на политиката во државата (Тсебелис), или дека е флексибилна во одредувањето на големината на владата, или дека може да доведе до федерализација на државава. Но, не можеше и не смееше да се премолчи кога нешто што е креирано да ги задоволи потребите на општеството за политичка еднаквост (консензуалната демократија), се трансферира на полето на правото. Затоа во оваа држава принципот на владеење на правото никогаш не успеа да се ослободи од политиката и да биде автономен. Креиран како регулатор на владината моќ и арбитрерност во нејзинато практицирање, принципот на владеење на правото го оживотворува принципот на еднаквост пред законот и, пред се’, значи процедурална и формална правда. Да му дадете етнички или, ако сакате, политички предзнак на овој принцип е повеќе од незнаење. Тоа е обичен дилетантизам. Замислете кога тоа го прават уставни судии?

Само како пример: кога Врховниот суд во САД одлучувал за уставноста на афирмативната акција во познатиот случај „Бајк версус Калифорниа“, судиите биле поделени околу одлуката во три групи. Не сум прочитал дека некој во САД побарал Судот да одлучува поинаку. Освен врз основа на правото. Замислете некој да го постави прашањето дека афро-американските судии во Судот биле надгласани од страна на мнозинството бели судии. Правото нема боја, не познава раса, не познава мајоризација. Не може да биде корумпирано од страст, политички емоции или ирационално однесување на политиката. Освен кај нас. Сосема друго е прашањето за авторитетот на институциите кои треба да го применуваат правото, како што е нашиот Уставен суд, за кого искрено никогаш не сум имал високо мислење. Зашто авторитетот на институциите го прават луѓето од кои се компонирани. Тие имаат име, имаат биографии и личен авторитет (за кој не можам да гарантирам). Нашиве очигледно немаат. Можете да правите компромиси во политиката, но не и во правото. За чудо нашите уставни судии го можат и тоа. Доживеавме судската фела да се однесува како и политичарите. Затоа после се да не се чудиме што принципот на владеењето на правото изгуби секакво значење во македонското општство, а сегашната позиција на Уставениот суд е фарса на владеење на правото. Ова не треба да биде особено збунувачки, имајќи предвид дека уставниот суд е се повеќе подреден на политичките агенди. Судството кое е мртво или умира има таква лоша смрдеа; Уставниот суд денес е мирис на судство на смртна постела. Тоа е смрдеа што допира до сите сегменти на општеството, особено до политиката и ги згрозува сите. Освен уставните судии.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес