АД Електрани на Северна Македонија денеска на официјалниот почеток на грејната сезона во Скопје го промовира новиот енергетски капацитет – когенеративната гасна електрана КОГЕЛ што ќе работи во рамките на подружницата „Енергетика“, сместена во кругот на поранешната скопска железарница, од која со топлинска енергија се снабдуваат корисниците од населбата Автокоманда.
КОГЕЛ се состои од 10 гасни мотори со вкупна електрична моќност од околу 30 мегавати, што можат да оддадат топлинска моќност од околу 26 мегавати.
-Преку овој наш производствен капацитет со парно греење се снабдуваат околу 3.500 домаќинства, 17 основни и средни училишта и градинки, како и преку 75 правни субјекти од производството. Во КОГЕЛ, АД ЕСМ пред речиси две години инвестираше околу 13 милиони евра за купување и ставање во функција на оваа постројка која десеттина години беше во мирување, изјави генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Тој нагласи дека ваквиот тип на енергетски постројки се од исклучителна важност за стабилноста на електроенергетскиот систем, бидејќи, како што рече, при евентуален недостаток на електрична енергија од останатите капцитети како што се термоелектраните, хидроелектраните,…, само за неколку минути можат да се стават во функција и да произведуваат струја затоа што работат на гас, а воедно се и еколошки чисти.
Директорот за производство на АД ЕСМ Благојче Трпоски посочи дека КОГЕЛ нуди можности за пласирање на три производи – електрична енергија, топлинска енергија и технолошка пареа.
-Зависно од сезоната можеме да работиме во режим кој ни одовара и во комерцијален аспект и од аспект на техничката сигурност при снабдувањето со електрична енергија и договорите кои ги имаме потпишано. Со овој капацитет имаме можност за околу една третина да ја зголемиме и базата на корисници кои се снабдуваат со топлинска енергија од кај нас, рече Трпоски.