Кои банки и зошто ги намалија каматите за кредити и депозити?

Се намалија каматите за дел од потрошувачките кредити и кредитни картички. Но паднаа и каматите за штедењето. Во првиот месец од годинава е регистрирана намалена кредитна активност, но според банкарите, тоа се толкува како сезонски тренд, типичен за секој почеток на една година, анализира порталот „Фактор“.

Во меѓувреме, дел од банките ги анализираат барањата за кредити што поинтензивно беа доставувани при крајот на 2013 та година, кога банките објавија кампања со промотивни каматни стапки. Дали може да се очекува натамошно поефтинување на кредитите? Има ли простор за дополнително олабавување на монетарната политика?

Дел од граѓаните, задолжени со некои од потрошувачките кредити и кредитни картички ја почнаа годината со пониски камати. Тоа повлече и намалување на каматите за штедењето. По одлуката на Народната Банка да ја намали максималната дозволена камата, дел од банкарските групации со почетокот на јануари ги намалија каматите.

„Намалувањето на каматите беше резултат на намалената максимална камата. Беа опфатени некои од потрошувачките кредити и кредитни картички кои имаа камати над дозволениот лимит. Намалување на каматната стапка имаше и за депозитите, и денарските и девизните“, објаснува Антонио Аргир од „НЛБ Тутунска Банка“, з апорталот.

И во „Стопанска Банка – Битола“ имаше намалување на каматите како резултат на регулативата.

„Банката ги намали каматите за дел од денарските кредити како резултат на регулативата на Нардната Банка, односно извршивме само усогласување во однос на правилата на НБРМ. Кај девзините кредити имавме простор за зголемување на каматните стапки – но ние тоа не го направивме“, вели за “Фактор“ првиот човек на банка, Владимир Ефтимоски.

И во „Комерцијална Банка“ имаше намалување на каматите – но само за депозитите. Од менаџментот на банката за “Фактор“ велат дека намалувањето на каматите е поврзано со одлуката на Народната Банка да ја укине каматата за задолжителната резерва.

„Комерцијална банка, по основ на задолжителна резерва за депозити, во НБРМ чува 130 милиони евра, од нив 70 милиони евра се за денарско штедење а 60 милиони евра за девизно штедење. До сега за овие пари ни беше исплаќана камата, сега по одлуката на НБРМ да се укине каматата, ние останавме без тој планиран приход и затоа ги намаливме каматните стапки за штедењето“,  велат од Комерцијална Банка.

Според последните расположливи податоци, во ноември, вкупниот кредитен пласман на банките изнесувал 3,7 милијарди евра, при што е забележан раст кај кредитирањето и кај  “населението“но и кај приватниот сектор, додека депозитната база достигна 4,1 милијарда евра.

Според проекциите, оваа банкарска година треба да биде подобра од ланската – со повеќе кредити за населението и за фирмите и поголема профитабилност за банките. Овие очекувања, според анализите на Народната Банка треба да бидат резултат на подобрување на вкупната економска состојба во Македонија.

Во првиот месец од оваа година, според банакрите, е регистрирана намалена кредитна активност која се објаснува како резултат на сезонски тренд, типичен за секој почеток од годината.

Во јануари побарувачката за кредити се намалува, но тој тренд е сезонски. Сега сме во пресметки за реализација на кредитните барања кои се примени во текот на празничните кампањи кои поттикна зголемена побарувачка на кредити.

„Каматните стапки лани имаа тендденција на намалување. Граѓаните, па и компаниите главно тоа го искористија не само за подигнување на нови кредити, туку и за рефинансирање на старите, но сега со пониска камата. Така, во 2013 та потрошувачките кредити се нудеа со камати од 6,5 отсто, за разлика од годините претходно кога стапките изнесуваат и до 10 отсто“, објаснува Аргир за порталот.

Во меѓувреме, Народната Банка даде оценка и за последниот месец од 2013 та година. Кредитната активност е зголемена, но колку оваа состојба е оддржлива?

„Според првичните податоци за кредитните текови, во декември дојде до понатамошно забрзување на месечниот раст на кредитите, при што како и во претходниот месец кредитната активност во голема мера беше насочена кон корпоративниот сектор. Ваквата динамика на кредитната активност е подобра од очекуваната и упатува на можно стабилизирање на согледувањата за ризик на банките, како и на ефекти од досегашното монетарно олабавување. Сепак, потребно е време за да се оцени одржливоста на овие поволни трендови на кредитниот пазар, во услови на сѐ уште присутни ризици. Декемвриските податоци упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму засилено се зголемува на месечно ниво“, оценија од НБРМ.

Дали проекциите за зголемен кредитен раст ќе се остварт, ќе зависи не само од домашните околности, туку и од случаувањата во Европската Унија, оцени екс-гувернерот и универзитетски професор Љубе Трпески.

„Ако се оствари економското опоравување на земјите од Европската Унија, и предвидената инвестициона активност во нашата земја, тогаш се создаваат услови за понатамошно намалување, најнапред на т.н.лоши кредитни пласмани. Позитивните економски трендови би донеле и намалување на каматите. Народната банка во минатата година во неколку наврати превзеде конвенционални и неконвенционални мерки во насока на релаксирање на монетарната политика. Дали има простор за нови потези? Нејзините можности се ограничени од монетарната стратегија што се применува од 1995 година па досега.  Секоја поголема кредитна активност влијае на стабилноста на курсот на денарот, а стратегијата на Народната банка  е да го држи курсот стабилен“, изјави неодамна професорот Трпески во интервју за „Фактор“.

Во ноември, кога е регистриран позначен раст на кредитите и на депозитите, беше регистриран и нов пораст на салдото на нефункционални кредити. Според податоци на Народната Банка, спорните и сомнителни побарувања достигнаа вредност од 444, 6 милиони евра или само за еден месец од октомври до ноември, нефукционалните кредити се зголемиле за 17,5 милиони евра. Салдото на овие спорни побарувања во ноември го достигна пикот, ако се направи споредбена анализа со состојбата во претходните месеци од календарската 2013 та година. Анализирано од аспект на валутната структура, во ноември е забалежан пораст на сомнителните побарувања кај денарските кредити, додека кај девизните е забележано намалување.