Кои земји имаат најригорозни мерки, а кои најслаби, во борбата со Ковид-19

Според истражувањата на научниците од Универзитетот Оксфорд, Хрватска, Србија и Словенија имаат најстроги мерки за заштита од пандемијата на вирусот Ковид-19 во светот.

Максимални 100 бодови на ранг-листата за строги мерки, според Оксфорд имаат Хрватска, Србија, Словенија, Индија, Пакистан, Сирија, Виетнам, Шри Ланка, Тунис, Уганда, Јужноафриканска Републија, Боцвана, Мадагаскар, Хондурас и Костарика.

Најмалку бодови има Кина (42,86), каде пандемијата првично се појави и имаше стотици милиони луѓе под некој вид на карантин, но во меѓувреме епидемијата во Кина наводно се смири и карантинот е укинат, иако таму се очекува втор бран на епидемијата.

Најпозната по своите благи заштитни мерки е Шведска, која до пред една недела беше најопуштена во тој поглед во светот, па заради тоа од вкупно 100 бодови имаше 42.86.

Освен Шведска и Кина,особено благи мерки имаат и Замбија со 47.62 поени, Гватемала со 54.38 поени, Романија 57.14 и Кенија со 59.52 бодови, а релативно благи мерки имаат и Боливија, Алжир, Монголија, Чад, Колумбија, Јапонија, Гана и САД.

Некои земји немаат достапни податоци за заштитните мерки, вклучувајќи и Туркменистан, чиј режим исто така забрани и користење на зборот коронавирус во јавност. Или, пак, Белорусија, чиј претседател Александар Лукашенко ги советуваше граѓаните да пијат вотка за да се борат против болеста и додаде: „Тука нема вируси. Не ги гледам“.

Се разбира, за сеопфатна проценка на индивидуалните национални стратегии ќе биде потребно да се почека крајот на пандемијата и да се спореди вкупниот број на хоспитализирани и починати пациенти, во однос на популацијата.

Застапниците на благите мерки истакнаа дека е неопходно да се спореди економската штета што земјите си ја нанеле себе си со различни стратегии, но рано е да се направи каква било проценка на ефектите од економските последици, бидејќи ниту еден сериозен експерт не сака да направи конкретни прогнози за тоа.