Скандал од невидени размери е тоа што вицепремиерот во владата на Заев и Социјал-демократскиот сојуз, Кочо Анѓушев, си доделил преку државната ЕЛЕМ тендер во износ од 2.6 милиони евра на фирмата која е во негова сопственост „Фероинвест“. Ваквиот криминален тендер покажува дека Кочо Анѓушев само го пресликува работењето на неговиот ментор Зоран Заев кој преку општина Струмица ја празнеше општинската каса, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Неиздржано и потценувачко е правдањето на милионерот Анѓушев дека тој не бил управител туку само сопственик на фирмата „Фероинвест“. Тоа значи дека парите повторно завршуваат во неговиот џеб. Внимавајте, криминалниот тендер на ЕЛЕМ ќе овозможи вицепремиерот Кочо Анѓушев да го зголеми своето богатство на над 30 милиони евра. И тоа на грбот на граѓаните на Република Македонија. Очигледно дека криминалната влада на Социјал-демократскиот сојуз ја интересираат само тендерите и енормното богатење на клановите на власт. Анѓушев единствено се грижи за профитот на своите фирми, бидејќи за работа во интерес на граѓаните видовме дека не го бива, истакна Светлана Колариќ.
Обвинителството, додаде таа, треба да утврди кривична одговорност за тоа како се влијаело и под кои услови тендерот припаднал во рацете на фирмата на вицепремиерот Анѓушев.
-Потребно е итно поништување на тендерот како и оставка на милионерот Анѓушев. Она што по ќе се памети Анѓушев се милионерските тендери на неговите фирми како и либерализацијата на струјата која ја најавува и за која се бори, а со цел неговите фирми да добијат повеќе профит, а граѓаните да добијат поскапи сметки за струја. Но, на криминалот ќе се стави крај. Крајот ќе биде на 15-ти октомври кога граѓаните ќе кажат што мислат за нечесното работење на владата на Заев и на Социјал-демократскиот сојуз.