Денес во просториите на општина Велес, градоначалникот Марко Колев оствари средба со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и пратеникот од Велес, Игор Здравковски.
Колев информираше дека на оваа средба се отвориле повеќе теми разговор, но она на што најмногу се ставило фокус е енергетската криза и покачувањето на цените на струјата која најмногу удира по буџетот на општините, односно високите цени на сметките за струја ги оневозможуваат да ги започнат сите проекти ги зацртале во своите програми.
Ќе бидам конкретен и со бројки споредбено со октомври, ноември и декември, со тоа што сметката за декември се уште не е стасана но отприлика знаеме што може да не очекува.
Пред стапување на кризата и точно пред една година во октомври 2020-та година, општина Велес за потрошување на електрична енергија платила 1.496.782 денари, додека во октомври 2021-ва година платила 5.924.968 денари.
Тоа е четирикратно поголема сума што општина Велес ја има исплатено кон ЕВН.
За месец 11-ти 2020-та година 1.566.888 денари, додека пак сметката за 11-ти месец во 2021-ва година која е стасана и дел е платена дел не е поради тоа што сумата е сериозна, изнесува 6.619.013 денари.
Во декември 2021-та година сме платиле 1.465.890 денари, а очекуваме сметката што треба деновиве да стигне да биде можеби над седум милиони денари.
Овие високи суми врз основа на тоа што го имаме како приход во општината, е немање можност за никаков развој на општината, ова силно го погоди буџетот на општина Велес, рече Колев.
Колев кажа и дека во понеделникот имале седница на ЗЕЛС, а во наредните денови очекувале да имаат и состанок со претставници од владата се со цел да се изнајде некое решение за да се надмине оваа криза заеднички и во координација со владата, бидејќи, како што рече овие високи сметки за струја кои доаѓаат директно го напаѓаат буџетот на општината и тоа значи дека проектите кои се во замисла да се реализираат нема да бидат со посакуваната динамика.