Собранието и Министерството за финансии не откриваат колку вкупно пари се потрошени од џебот на граѓаните за потребите на референдумската кампања. По прашањата испратени од редакцијата на „Нетпрес“, пред два дена, сеуште нема никаков одговор од двете институции.
На почетокот на кампањата, собранискиот спикер, Талат Џафери, објасни дека ниту пратениците, ниту партиите нема во готовина да добиваат пари од предвидените 80 милиони денари за кампања за референдумот.
Средствата за кампања се на посебна сметка. Ќе се делат пропорционално спрема пратеничките групи кои се изјаснија „за“ или „против“. Иако 49 пратеници рекоа да се пренаменат, не може, средства остануваат. Собранието откупува медиумски простор. За кампањата „за“ ќе може да се потрошат 59 посто од сумата, а за кампањата „против“ остануваат 41 посто од предвидените средства, појасни тогаш Џафери и додаде дека можат да се закупат максимално 9 минути на реален час програма.
Парламентот наменските средства не може да ги троши за други намени, останатите непотрошени средства треба да се вратат во буџетот. Законот дозволува сите заинтересирани да се вклучат во кампања, но од сопствени средства.
Информативна кампања најави дека ќе води и самата Влада, преку прес конференции, средби со граѓаните, социјални мрежи, но не ја кажа сумата што ќе ја потроши за овие цели.
Во јули Владата скрати 3.5 милиони евра од министерствата
Пратениците на 30 јули, годинава, покрај одлуката за распишување на референдумот за името, ја изгласаа и Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, со која се определуваат пари за спроведување на референдумот.
Според тогашниот план, најмногу пари за референдумот беа прераспределени од ставки на Министерството за финансии, околу 60 милиони денари (975.000 евра).
Владата заради референдумот определи да скрати дел од средствата предвидени за администрација, за патни и дневни расходи – околу 1 милион денари (16 илјади евра), за привремени вработувања околу еден милион денари, разни трансфери за милион денари, за економска промоција, од ставката патни и дневни расходи за 4.4 милиони денари (70.000 евра), а од разни трансфери за унапредување на локална и регионална конкурентност во областа на туризмот се намали 13 милиони денари (212.000 евра).
Од владината Служба за општи и заеднички работи најавија дека ќе се издвојат 20 милиони денари, претходно наменети за ставката други градежни објекти.
И Министерството за транспорт и врски најави пренамена на средства предвидени за жичарата, околу 20 милиони денари (325.000 евра). Министерство за труд и социјална политика најави кратење од парите предвидени за минимална плата во висина од 10 милиони денари (163.000 евра). За финансирање на референдумот, кратени беа пари предвидени за салата на Македонската филхармонија, околу 8 милиони денари (130.000 евра). Од Министерство за здравство одвоија 10 милиони денари, претходно планирани за изградба на ПЕТ Центарот, но и од ставката за купување опрема и машини (163.000 евра).
Министерство за образование и наука за референдумот одвои пари предвидени за преведување и печатење стручна литература, од ставката договорни услуги, вкупно 5 милиони денари (82.000 евра), а исто толку намали и од средствата за договорни услуги за проектот за превод на книги од реномирани автори.
Со прераспределбата, се кратат помали суми од повеќе поголеми буџетски корисници, а се прераспоредуваат 210,4 милиони денари, за спроведување на реферндумот. На овој начин се обезбедуваат средства, без да има влијание врз тековното работење на буџетските корисници, ниту пак врз спроведување на буџетските програми и проекти, потврдија од Министерството за финансии.
Од Министерството за одбрана во август исто така излегоа со информација дека ќе одвојат нешто помалку од 60 милиони денари за кампањата.
Министерството за одбрана е едно од тие кои најмногу треба да биде заинтересирано за нашиот стратешки приоритет и од нашиот сектор за финансии испративме информација дека на располагање ставаме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но кои сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно, изјави тогаш министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, додавајќи дека подоцна на владина седница официјално ќе биде одредена сумата за кампањата.
Паријата Левица побара ревизија
Левица тогаш поабара и ревизија на доделените буџетски пари на собраниските партии за референдумската кампања.
За правната служба на оваа партија одлуката на Владата за издвојување на 80 милиони денари од тековната буџетска резерва за Собранието на РМ како овластен предлагач на референдумот се коси со Законот за финансирање на политичките партии и ги става вонпарламентарните партии во подредена улога.
Левица барањето за ревизија го поднесе до Државниот завод за ревизија.
Член 20 од Законот за финансирање на политичките партии, изрично забранува политичките партии да се финансираат од државни и локални органи и од средствата предвидени со Буџетот на Република Македонија, а кои не се превидени во Законот за финансирање на политичките партии. Одлуката на Владата, штом се реализира од страна на Собранието, ќе предизвика пробивање на рамката од вкупно предвидените 0,15 отсто од Буџетот на Република Македонија на годишно ниво, наменети за политичките партии. Дополнителното доделување 80 милиони денари за потребите на застрашувачката и полна лаги „информативна“ кампања за престојната анкета (консултативен референдум) е недозволиво и недопустливо“, соопшти Левица.
Само пратениците на СДСМ и на ДУИ добија пари за кампања за референдумот
Антонио Милошоски е единствениот пратеник кој се пријави, а не доби средства од Собранието за кампањата за референдумот. Кабинетот на Талат Џафери соопшти дека пари за рекламен простор ќе се одвојат само за пратениците од власта и албанските политички партии од опозицијата кои најавија дека ќе го поддржат референдумот.
Алоцираните финансии исклучиво ќе бидат користени само за намената за која се распределени средствата, односно за кампањата којашто ќе биде спроведена од страна на 71 пратеник коишто се изјасниле дека се во коалицијата „ЗА“ референдумот, што претставува 59 отсто од времето за повластено платено рекламирање во медиумите, стои во соопштението од Собранието испратено во септември пред официјалниот почеток на кампањата.
Милошоски потврди дека не добил средства од Собранието.
Шпекулации за потрошени пари за музичари
Коалицијата „Излези За Европска Македонија“, не откри колку пари на граѓаните се потрошени на хонорари за изработка и избедба на промотивниот спот, а и промотивни спотови „За“ на низа познати личности во кои учествуваат редица врвни музички имиња: Златко Ориѓански, Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Виолета Томовска, Драган Спасов Дац, Ѓоко Танески, Бени Шаќири, Кристина Арнаудова, Гиш, Викторија Лоба, Владо Јаневски, Бубо Каров, Дарио.