Со многу емоции, тага и солзи, голем број македонски актери и режисери, истакнати личности од јавниот и уметничкиот живот во нашата земја за последен пат од сцената на Драмскиот театар се збогуваа со актерката Билјана Беличанец, која почина викендов во Скопје. Според МВР, Беличанец во саботата вечерта беше пронајдена мртва.
Нејзиниот колега актерот Дејан Лилиќ рече дека Беличанец живеела на сцената, и кога не била на некои претстави, постојано ја споменувале.
– Многу те сакаме сите. Прв те дочекав на оваа сцена и те испратив од оваа сцена прв. Билјана ти никогаш нема да бидеш во минато време, туку во сегашно време. Оние кои те познаваат, знаат дека ти си голем човек со големо срце. Ти никогаш не глумеше на сцената, ти живееше овде. Бескрајно талентирана, ѕвер од човек. Многу те сакаме сите, рече Лилиќ на комеморацијата.
Актерот Драган Спасов Дац простувајќи се одБеличанец, рече дека „аурата на Драмски театар се збогати со уште еден дух кој ќе биде тука до нас“.
– Отсекогаш сум велел дека овој театар има духови кои ни ја даваат енергијата кога ни е најтешко. Не остави збунети и во болка, не остави да замислуваме што уште можеше да направиш овде. Ти едноставно на сцената бешеБилјанаБеличанец. Ти на оваа сцената беше мојата Сара, Цвета,Сузана, Билјана Беличанец. Лука и Мона да се гордеете со мајка ви оти имате силна причина за тоа, рече Дац.
Актерката Снежана Конеска Руси, рече дека во текот на нејзиното созревање како актерка била нејзин учител и родител.
– Не знам како доаѓа период кога јас станувам твој родител и учител. Можеби те учев како да газиш по трнливиот пат. Ѕвони твојот глас во секоја улога, песна, синхронизација. Твојот учител Снешка. Те мислам. Јас те чекам или чекај ме, рече Конеска Руси.
Во текот на комеморацијата се емитуваа инсерти од претстави во кои глумеше Беличанец.
Билјана Беличанец (родена 1973, во Скопје), дипломира актерска игра на ФДУ во 1994 и работи во Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп (1994-1997), а во 1997 преминува во Драмски театар Скопје. Како актерка со непроценлив талент, работна пожртвуваност и професионалност, ги толкува главните улоги во пиесите и заслужено го зазема местото на првенец актер во ДТС. Таа има настапено во театарските улоги Маргарет Флаерти (Заводникот од западниот свет, 1997); Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа (Кандид во земјата на чудата, 2000); Маре (Тетовирани души, 2001), Донка (Македонски рулет, 2007); Велика (Сите лица на Петре М. Андреевски, 2008); Цвета (Грев или шприцер, 2011); Сара (Генетика на кучињата, 2012); Македонка (Последните Македонци, 2012); Ема (Љубовници, 2015)…, а на филм има играно во Мајки (2010) и Од денес до утре (2010). Добитник е на повеќе награди. Од 2013-2017 ја извршуваше функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода.