Комерцијална банка прокнижи нето добивка од 78,9 милиони денари

Комерцијална банка 2013-та година ја заокружи со нето добивка во висина од 78,9 милиони денари, стои во соопштението на Банката, по одржаното редовно Годишно собрание.

Во соопштението се наведува дека акционерите потврдија дека Банката ја заврши 2013 година со бруто-добивка во износ од 88,6 милиони денари. По пресметување на данокот на непризнаени расходи од 9,7 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 78,9 милиони денари.

Акционерите на Банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 78,9 милиони денари и одлучија добивката да се издвои во резерви заради зголемување на вкупниот капитал на Банката и на книговодствената вредност на акциите на Банката.

На Собранието беа усвоени финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, како и Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2013 година, Програмата на мерки и активности на деловната политика и финансискиот план на Банката за 2014 година и Извештајот за усогласеноста на работењето на Банката со Кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонската берза.