Комисијата нема да почнува разговори од почеток, историчарите подетално ќе разговараат во Софија

Конструктивно се одвивале средбите на мешовитата историска комисија кои завршија со работните состаноци попладнево. За разлика од вчера кога само се запознавале бугарските историчари со новиот состав од македонска страна, денеска отвориле поконкретни теми. Претставувањето на Охридската Архиепископија од 11-от век било тема на дискусија меѓу историчарите, нешто на кое и со претходниот состав е зборувано подолго време.

Копретседавачот на бугарската комисија вели со новиот состав на македонската комисија не може од почеток да се почнуваат разговори за историските теми и вели доколку има волја ќе се најде заеднички јазик со колегите од Скопје. 

Димитров оцени дека на членовите во новиот состав ќе им треба повеќе време за да навлезат во тематиката на која до сега се дискутирало. Затоа, очекува поконкретни разговори на следната средба во Софија. 

Македонските историчари за разлика од Бугарските ниту вчера ниту денеска не излегоа пред јавноста за да соопштат како се одвивала средбата. Оттаму попладнево испратија само кусо соопштение дека средбата поминала во позитивен дух и конструктивна атмосфера .

-На средбата се дискутираше за принципите за работа како и за протоколарни и процедурално- технички прашања за работата на Комисијата. Комисијата работеше и на усогласување на Записниците од претходните средби, а стана збор и за препораките за македонските учебници за VII одделение, се наведува во соопштението од претседателот на Комисијата, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.

Следната средба на историчарите  ќе биде во декември во Софија. До сега Комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски личности- Св. Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил.