Комисијата за избори и именување ја разреши Катица Јанева

Сега одлуката на Комисијата ќе оди кај собранискиот спикер Талат Џафери, кој треба да закаже пленарна седница на усвојување на предлогот за разрешувањена Катица Јанева, за што треба да има двотретинско мнозинство од пратениците, плус бадентер.

Потоа Советот на Јавни обвинители треба на седница да ја разреши Катица Јанева.

Според претседателот на Комисијата, Илија Димовски, материјалот кој го добиле од Советот на јавни обвинители, бил многу уверлив за да се донесе едногласна одлука.

Седницата на која се разгледуваше Извештајот за разрешувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева беше затворена за јавноста.

– Седницата ќе биде затворена, затоа што станува збор за класифициран материјал иако јас сметам дека за извештајот од Советот на јавни обвинители за разрешување на Катица Јанева треба да се расправа на отворена седница – изјави Димовски пред почетокот на седницата.

Димовски информираше дека од 13 членови на комисијата, 10 имаат безбедносен сертификат кој е неопходен за да можат да се разгледуваат класифицирани материјали. Но, додаде дека има и 13 заменици од кои исто така 10 имаат безбедносен сертификат. Материјалот можат да го видат само членови со безбедносен сертификат, на одредено време и во просторија во која се одржува седницата.