Истражната комисија на американскиот Конгрес за упадот на вашингтонски Капитол од 6-ти јануари 2021 година, во понеделникот едногласно препорача кривична постапка против поранешниот републикански претседател Доналд Трамп, обвинувајќи го и дека наводно повикал на бунт.
Истражната комисија, исто така, препорачала до Министерството за правосудство, поранешниот претседател на САД кривично да биде гонет поради наводно попречување на службениот процес, односно заверување на резултатите од претседателските избори од ноември 2020 година, за заговор против САД и лажни изјави.
Поддржувачите на Трамп веднаш ги коментираа овие наводи како обид конзервативецот да биде елиминиран од политичката сцена и да се спречи тој повторно да се кандидира за претседателските избори во 2024 година.
„Комисијата собра значајни докази кои покажуваат дека Трамп имал намера да го препречи мирното предавање на власта како што е предвидено со нашиот Устав. Веруваме дека доказите собрани во текот на нашата истрага ја оправдуваат препораката за кривичен прогон против Доналд Трамп“, изјави демократскиот пратеник во Претставничкиот дом од сојузната држава Мериленд, Џејсми Раскин непосредно пред гласањето.
Овие обвинувања, доколку бидат докажани, се казниви со затворска казна и дисквалификација за извршување јавни функции. Со тоа дефинитивно би била спречена намерата на Трамп повторно да влезе во Белата куќа.
Споменатата комисија нема овластувања да покрене кривични постапки и може само да даде препорака на Министерството за правосудство на САД, чиј челник воедно е и главен државен обвинител, кое единствено има овластувања да подигне обвинение против поранешен американски претседател, доколку има повод за тоа.
Членовите на споменатата истражна комисија на Претставничкиот дом, седуммина демократи и двајца републиканци, во 19 часот по средноевропско време започнаа со изнесување на заклучоците од, како што тврдат, својата долга истрага за упадот на Капитол од јануари минатата година и испитале илјада луѓе, проучиле мноштво документи и одржаа медиумски и пропагандно внимателно следен јавни сослушувања.
Приврзаниците на Трамп на споменатиот ден, тврдејќи како и денес, дека изборната победа му била украдена со заговор во полза на демократот Џо Бајден, насилно упаднаа во зградата на Конгресот во Вашингтон за да ја запрат потврдата на резултатите кои инаку не беа официјално потврдени од задолженото тело, но ја прогласија мејнсттрим медиумите а истовремени во тек беа стотици жалби против валидноста на изборите, што во САД се доживуваше како „напад врз демократијата“.
„Уфрлувањето на гласачкото ливче во избирачката кутија во САД е дело на вера и надеж. Таа верба во нашиот систем е темел на американската демократија. Ако довербата е уништена, уништена е и нашата демократија. Доналд Трамп ја уништи токму таа доверба. Ги загуби изборите во 2020-та и го знаеше тоа, но избра да се обиде да остане на власт“, тврдеше на почетокот од седницата пратеникот Бени Томпсон од Демократската парија и претседател на истражната комисија.
Но токму Трамп и неговите приврзаниците бара гласањето да биде лично на избирачките места а не како што се инсистираше на масовно гласање преку пошта, најмасовното во историјата на САД, предупредувајќи и пред изборите на можна манипулации. Притоа повеќе републикански функционери приврзаници на Трамп обвинија дека не им било дозволено проверка на гласовите пристигнати по пошта.
Чејни: Трамп не е способен да врши јавни должности
Потпретседателката на комисијата, републиканската пратенички Лиз Чејни, која и самата имаше аспирации да се номинира за партиската кандидатура на претседателски избори и дамнешна жестока противничка на Трамп и припадник на ткн неоконзервативна струја во партијата, оцени дека постапките покажале дека тој „не е способен“ да извршува нови јавни должности.
„Кој и да се однесува така во тој момент не може веќе никогаш да извршува јавна должност во оваа земја“, рече Лиз Чејни.
Инаку Лиз Чејни, во август годинава ја изгуби и номинацијата на Републиканската партија за нов мандат во Претставничкиот дом, чиј нов состав во кој републиканците ќе имаат мнозинство по ноемвриските избори ќе биде инаугуриран во јануари. Жестоката критичарка на Трамп, и ќерка на Дик Чејни, поранешниот потпретседател на САД во администрацијата на Џорџ В. Буш под 2001 до 2009 година, беше убедливо поразена од релативно непознатата противкандидатка Хариет Хагеман, која беше поддржана токму од Трамп. Поразената Чејни тогаш ги повика републиканците „да направат сѐ што можат“ за Трамп кој најавува нова кандидатура на следните претседателски избори „никогаш повеќе да не ѝ се доближи на Белата куќа“.
Трамп: Членовите на комисијата се битанги
Во настаните на Капитол директно загина демонстрантка поранешен војник која беше застрелана а досега не се знае од кого, и уште три лица како последици на повреди или срцеви удари. Еден полицаец од Капитол Хил, кој бил нападнат од демонстрантите починал ден по безредијата но исто така не од директни последици на нападот, а четири полицајци кои биле во обезбедувањето на парламентот тој ден подоцна се самоубиле. Повредени беа околу 140 полицајци.
Конечниот извештај за истрага ќе биде објавен во среда.
„Мислам дека постојат докази дека Доналд Трамп сторил кривични дела во рамките на своите настојувања да ги поништи изборите“, изјави во неделата за CNN Адам Шиф, пратеник од редовите на демократите и член на комисијата.
Трамп во понеделникот брзо се огласи преку својата социјална мрежа Truth Social и во својот вообичаен стил порача дека членовите на споменатата истражна комисија се „социјални случаи и битанги“.
Го бранеше својот говор од 6-ти јануари 2021 година, за кој го обвинуваат дека бил „запалив и поттикнувачки“ за подоцнежните настани на Капитол, како и другите свои потези од тој ден како „умерени и полни со љубов“. Му се забележува дека ги повикал своите приврзаници да се „борат како ѓаволи“.
Трамп е обвинет и дека наводно вршел притисок врз својот потпретседател Мајк Пенси и изборни функционери, особено во сојузните држави Џорџија и Аризона да ги поништат резултатите од претседателските избор.