Комисијата за заразни болести треба да се професионализира со нови луѓе, неопходни се итни мерки за спречување на ширењето на делта сојот, смета Николов

Минатата година во истиот овој период власта велеше дека сѐ е под контрола и оти нема потреба од мерки, а поради тоа болниците се преполнија со пациенти и справувањето со коронавирусот беше доста отежнато. Мерки за да се спречи овој нов вид на коронавирусот се потребни, но и да се забрза процесот на вакцинација, истакна во вторникот Игор Николов, претседател на Комисија за здравство при ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во „24 анализа“.

„Вчера при заседавањето на Комисијата за заразни болести не донесе никакви одлуки. А, сите сме сведоци дека дискотеките се пуштени работат на максимум и дека се преполни со луѓе. Што би јас предложил за Комисијата за заразни болести? Јас би предложил да се професионализира и би предложил во неа да се вклучат луѓе експерти од сите универзитети и медицински факултети во земјата бидејќи ги имаме повеќе од еден. И секако би требало тука да се вклучат и оние институции кои што работат посебно на оваа проблематика. И многу е важно да се забрза процесот на вакцинација“, истакна Николов.

Додаде дека не смее да се дозволи власта пак да ја користи паролата „се е од контрола“, а Македонија поради тоа е на врвот по починати од КОВИД-19.

„Делта вирусот, со двојна мутација дава сериозни последици. Од тука произлегува евентуална мерка која што би требало да се преземе, да се градираат односно да се класифицираат земјите и сите оние патници кои што влегуваат во нашата земја посебно од земји кои што се ризични и посебно изложени на делта вирус да бидат или контролирани или да бидат со PCR тестови или, пак, вакцинирани или пак кога ќе влезат во земјата да бидат ставени на обврзителен карантин“, појасни Николов.