Во технолошко индустриските развојни зони во првата половина од годинава е регистрирано највисоко ниво на економска активност во последните 20 години, покажала анализата на ТИРЗ.
Во првите шест месеци и извозната активност била зголемена за околу 70 отсто во однос на истиот период лани, а увозната за 90 отсто. Во првата половина од годината се склучени договори за нови инвестиции во вредност од 105.000.000 евра.
Извозната активност во индустриските зони достигнала 1,56 милијарди евра, што е за 67 отсто од истиот период во 2020, додека во однос на 2018 година порастот е 33,5 отсто.
– Овие бројки покажуваат дека економијата во рамки на ТИРЗ е на добар пат. Не зборуваме веќе за опоравување туку за реален раст и очекуваме и се надеваме дека овие бројки ќе продолжат да растат и во наредниот период – рече на денешната прес-конференција директорот на ДТИРЗ Јован Деспотовски.
Тој информира дека пораст се бележи и кај увозот во зоните.Вкупното ниво на увоз во првото полугодие годинава е во висина од 1,54 милијарди евра, со раст во однос на истиот период лани од 90 отсто.
Зголемен е и бројот на вработени во зоните.Вкупниот број во моментов изнесува 14. 230 вработени.
Во првите шест месеци од годинава потпишани се договори за инвестиции во висина од 105.000.000 евра, во кои се сметаат и последните со две компании во вредност од 40 милиони евра, за кои разговорите се завршени и се чека формално одобрување.
– Овие 105 милиони евра нови странски инвестиции во следниот период треба да донесат 1.850 нови работни места, вкупни приходи односно пораст на извозот во следните 10 години некаде во висина од 2,1 милијарди евра, средства за државата по основ на персонален данок на доход во износ од 7,2 милиони евра, потоа 33,2 милиони евра по основ на придонеси и 36,8 милиони евра од данок на добивка – рече Деспотовски.
Тој додаде дека остануваат на проекциите за 1 милијарда евра нови странски инвестиции до крајот на мандатот.