Две компании, една од Германија и една од Индија, планираат свои капацитети во Македонија. За ова информираше премиерот Никола Груевски на денешната седница за пратенички прашања во Собранието.
Тој нагласи дека покрај тоа што се очекува официјализирање на одлуката за најавената инвестиција од мултинационална компанија од автомобилската индустрија во технолошко индустриската развојна зона во Струмица со 1.500 работни места има и други компании заинтерсирани за инвестирање во Македонија.
Само вчера во мојата канцеларија дојдоа две крупни компании, едната од Германија, едната од Индија кои планираат свои капацитети во Македонија. Денеска се сретнав со една друга финансиска компанија која покажа голем интерес за инвестирање во Македонија, така што нашите капацитети онака како што се поставени даваат сериозни резултати, рече Груевски.
Како што додаде, освен во внатрешноста, се очекуваат добри вести и во Скопје, каде со уште една инвестиција би се вработиле 500 лица, а потоа и уште друга со дополнителни 1.000.
На прашање од пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ Груевски рече дека активностите за изградба на италијанската фабрика „Кондево“ во Штип се одвиваат според планираната динамика и оти се очекува следната пролет да биде пуштена во употреба.
По изградба на фабриката, според Груевски, сопственикот размислува за проширување на капацитетите затоа што ќе се произведува иновација во таа област во согласност со поновите регулативи на ЕК поврзани со екологијата и со енергетиката.
За зоната во Штип има и други заинтересирани компании од различни делови во светот, но за тоа ќе информираме тогаш кога ќе имаме согласност од нив, односно кога ќе донесат одлука самите да ја објават, рече Груевски.
Премиерот го истакна и работењето на домашната компанија „Актива“ којшто работи за странскиот инвеститор во Македонија „Ван Хол“, со што се овозможени и индиректни вработувања.
Поради отворениот Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, пак, како што истакна премиерот, има интерес од компанија за инвестиција во овој град. Основањето на Универзитетот и на ТИРЗ во Штип, посочи, се работи коишто се надополнуваат.
Сега е во тек изградбата на гасоводот од Куманово кон Штип што ќе ги зајакне капацитетите на штипската ТИРЗ и воопшто на сите индустриски капацитети во Штип односно во околината на овој град кои во иднина ќе може да користат енергија од гас, укажа Груевски.
За развој на Штип, но и за цела Источна Македонија, нагласи, ќе придонесе и изградбата на автопатот Штип-Свети Николе.
Градбата тече според предвидената динамика и се надевам дека за околу две години од сега ќе биде завршен и пуштен во употреба и од главниот град на државата до Штип ќе се стигнува за 30 до 35 минути, што е време кое многу често граѓани на Скопје го поминуваат во патување од еден во друг крај на градот, наведе Груевски.
За Штип, додаде, е од исклучително значење и изградбата на новата клиничка болница која треба да почне во ноември или декември. Согласно договорот со ТАВ, потсети, се планира да се гради карго аеродром.