Денешната прес конференција на министерката Мила Царовска, во која покрај неа, беа наредени и сите други функционери од Министерството за образование и наука и од Бирото за развиј на образованието, како и група екоерти, веројатно за да и дадат сила и самодоверба на министерката, не понуди ни еден додатен елемент од она што беше презентирано минатата недела. Во оваа концепција која всушност претставува само некаква драфт верзија има многу недостатоци и нејаснотии, смета ВМРО-ДПМНЕ.
– Беше потенцирана потребата од реформа и дека концепцијата ќе обезбедела учениците кои ќе го завршат основното образование ќе имале европски компетенции и вештини. За тоа како тоа ќе се постигне немаше релевантно објаснување, освен дека тоа ќе се постигне со интегрирање на предмети и усогласување на наставни програми, теми и наставници. Не стана збор за континуирана поддршка на наставниот кадар од релевантни институции, не стана збор за активација на службите за професионален развој на детето, што е неопходно бидејќи во концепцијата се предвидуваат изборни предмети од најмала возраст, не стана збор за можностите на училиштата да спроведуваат ваква настава и многу други битни елементи – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, нема одговор ни за тоа како училиштата треба да станат пожелни простори за учениците.
– Во концепцијата се бришат изборните предмети кои се групираат во природни науки и општествени науки. Тоа значи дека нема физика и хемија, интегрирани се, но нема ни историја и тоа во ваков момент на историски настани за Македонија кога се негира идентитетот, јазикот и историјата на нацијата, а целата концепција се прави со цел учениците да имаат функционално знаење, соодветно на општествените збиднувања и реалниот живот. Нешто тука е контрадикторно. Со оглед дека стана збор за јазиците, го прашуваме целиот тим, зошто учениците од помалите етникуми во Македонија не учат македонски јазик од прво одделение – прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека после оваа прес конференција, со прилично несигурен настап и на министерката и на другите учесници, а и според бурните реакции на бројни релевантни институции, граѓани и родители, најдобро би било целата концепција да се повлече и да се почне со креирање на друга, но после навистина спроведени консултации со сите релевантни фактори во образованието.