Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најавува предупредувачки протест на 15-ти април, како израз на крајно незадовослтво од актуелната ситуација во државата во однос на работничките права.
Одлуката за протестот е донесена на највисокиот орган на синдикатот на 7 април. Протестот ќе почне од булеварот Гоце Делчев спроти Македонска телевизија, преку Собранието, a ќе заврши пред Владата.
Претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната прес-конференција рече дека македонскиот работник е осиромашен и не може да ја преживее кризата, се отпуштаат работници и се принудуваат да потпишуваат спогодбено договори за отказ.
Според Ралповски, апсурдно е да се зборува за зголемување на минималната плата од 1,7 проценти кога инфлацијата во март е 2 проценти. Од КСС посочуваат дека се вршат притисоци врз синдикалните лидери и се одоговлекуваат претставките во судовите поднесени од страна на синдикатите.
„Со овој предупредувачки протест ги повикуваме надлежните да седнат и сериозно да ги разгледаат нашите барања кои не се илузија, туку барања за имплементирање на постоеките закони, рече Рапловски, додавајќи дека официјално 50 до 60 илјади работници ја имаат изгубено работата, а нови отпуштања се очекуваат во угостителскиот сектор кој е затворен со новите рестриктивни мерки.