Конференција на „Блумберг Адрија“: Развојот на новите технологии ќе донесат поголеми промени отколку во претходните 100 години

Развојот на новите технологии и промените што се случуваат во глобалната економија ќе донесат поголеми промени, отколку  во претходните 100 години,  порача директорката за содржина на „Блумберг Адрија“ Јелисавета Лазаревиќ, на отворањето на конференцијата на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.

-Кога зборуваме за бизнис, всушност зборуваме за фактот дека дефинитивно живееме во свет каде што во наредниот период развојот на новите технологии и промените што се случуваат во глобалната економија ќе донесат поголеми и побрзи промени отколку што беше случај во претходните 100 години. Во такво опкружување на несигурност и брзи промени, „Блумберг Адрија“ всушност има за цел да обезбеди напредок и всушност претставува место кое дава можност за напредок, посочи Лазаревиќ.

„Блумберг Адрија“ е мултимедијална платформа која е присутна во Македонија, Словенија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, на која работат 130 новинари од целиот јадрански регион.

-Можност за напредок обезбедуваме првенствено преку нашата содржина, која е сеопфатна и присутна на различни платформи, и која овозможува на нашите корисници, да пристапат до таа содржина, односно содржина, на начин што ви одговара во време кое вам ви одговара. „Блумберг Адрија“ е всушност мултимедијална платформа која е присутна на пет страници за пребарување, овде во Македонија, потоа во Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина. Имаме наш веб, односно дигитален портал, каде што сите теми кои се глобални, регионални и локални се покриени на начин кој секогаш дава подлабок увид, а на сите овие теми работат 130 новинари од целиот јадрански регион, рече Лазаревиќ.

Она што ја разликува платформата од сите останати на пазарот, според Лазаревиќ, е аналитичкиот тим, кој обезбедува дополнителна анализа и проекција на секоја економска вест и информација.

Претходно, на конференцијата се обрати премиерот Христијан Мицкоски кој истакна дека целта на Владата е да создаде драјвер на економијата преку реализација на капитални инвестиции и вложувања од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа.

-На тој начин очекуваме да се зголеми продуктивноста, а со зголемување на продуктивноста да се обидеме и да го зголемиме приходот и да ги подобриме перформансите на економијата. Затоа ние многу внимателно пристапуваме и затоа многу внимателно планираме да ги трошиме средствата коишто ги заработуваме и во централниот буџет, но и позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка, туку во инвестиции, рече Мицкоски.