Конгресот на ЕП значаен на европскиот пат на Македонија

Премиерот Никола Груевски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ учествува на 22. Конгрес на Европската народна партија (ЕПП) што се одржува денеска и утре во Даблин, Република Ирска.

На Конгресот учествуваат 12 шефови на влади на држави од Европската унија и раководството на ЕУ кое доаѓа од Европската народна партија.

Во овие два дена во Даблин ќе се избира претседател на ЕПП и нивен кандидат за претседател на претстојните избори во ЕУ.

Во Даблин се присутни 2.000 учесници над 800 делегати. Во делегацијата која ја предводи Груевски се и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протоѓер, Влатко Ѓорчев и Никола Попоски, како делегати кои имаат право на глас во овој Конгрес.

„Конгресот на ЕП кој се одржува во Даблин е главно фокусиран околу три теми. Првата е изборот на претседателот на Европската народна партија кој ќе се одвива во текот на денешниот ден. Втората тема се однесува на подготовките на изборите за Европскиот парламент кои претстојат во мај и политиките кои ќе бидат во фокусот на тие избори и секако за нас значајниот момент за остварување на контакти со колеги од повеќе земји членки на ЕУ и дискусиите кои се водат околу реализацијата на политиките на европските партии и колку во таа реализација процесот на проширување ќе биде значаен“, изјави Никола Попоски, пренесе МИА.

Влатко Ѓорчев посочи дека Европската народна партија е најголема политичка групација во Европа.

„Тука се присутни повеќе од 800 делегати и 2.000 гости, 12 премиери на земји членки на ЕУ, четири премиери на земји коишто не се членки на ЕУ. Сите тие треба да изберат претседател на Европската народна партија, како и кандидат за претседател на ЕК за следните европски избори“, нагласи Ѓорчев.

Директорот на Институтот Шуман, Конга Сабу прецизира дека Институтот е одговорен за политичката едукација на членовите на политичките партии кои се дел или не се дел од ЕУ.

„Ние работиме со ВМРО-ДПМНЕ едуцирајќи ја новата генерација во партијата. Сакаме да ја видиме Македонија во ЕУ што е можно поскоро“, нагласи Сабу.

Делегатот Михаил Шнајдер посочи дека Конгресот во Даблин е многу важен.

„Избираме наш кандидат за изборите во мај во Европскиот парламент. Ние кои сме дел од делегатите на овој Конгрес сме многу среќни што учествуваме затоа што политичарите од ЕПП имаат клучна улога на локално и регионално ниво во ЕУ“, рече Шнајдер.

Конгресот претставува подготовка и е вовед во изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат од 22-25 мај, настан кој ќе ја одбележи оваа 2014 година во ЕУ.

Според аналитичарите, изборот, кој ќе го направи Европската народна партија, за многумина е одлучувачки бидејќи согласно доминантната поддршка, која ја има оваа партија во рамките на земјите на ЕУ, многу веројатно тоа ќе биде и новиот наследник на Жозе Мануел Баросо и иден претседател на Европската комисија.

На денешната пленарна сесија на Конкресот има повеќе точки на дневниот ред меѓу кои и избор на претседател на ЕПП, дискусија и гласање за Акциската програма 2014-2019 по што ќе следи гласање за повеќе резолуции и декларации.

За попладнево предвидени се обраќања пред присутните на повеќе шефови на држави и влади, меѓу кои и на премиерот Груевски, кој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја претставува Македонија.

Се очекува на Конгресот македонската делегација да оствари контакти и интензивна комуникација со повеќе европски лидери.

Европската народна партија е најголемата политичка партија на европско ниво, со 12 шефови на влади на држави од Европската унија, 13 членови на Европската комисија како и со најбројна група во Европскиот парламент. Таа претставува најголемата и највлијателна политичка партија на повеќе одлучувачки нивоа во ЕУ.

Меѓу присутните на Конгресот во Даблин се и германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот премиер Мариано Рахој, полскиот премиер Доналд Туск, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, како и актуелниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј.