Конгресот на САД усвои буџет за две години, со зголемени одбранбени трошоци

Американскиот Сенат во четвртокот го усвои и на претседателот Доналд Трамп на потпис му го испрати буџетот за две години кој предвидува зголемување на потрошувачката за одбраната и низа други домашни програми, што значително ќе го зголеми и онака високиот државен долг кој брзо расте изминатите повеќе години.

Гласајќи со 67 гласови „за“ и 28 „против“, Сенатот ги пренабрегна барањата на некои од конзервативните пратеници од Републиканската партија кои поддржуваат поголеми издвојувања за војската и намалување на даноците, но се противат на зголемување на средствата за невоените домашни програми. Претставничкиот дом кој го контролираат пратениците на Демократската партија, пак, минатата седмица го усвои предлог-законот со млака поддршка од републиканците, иако претседателот Доналд Трамп притискаше врз Конгресот да го усвои.

Буџетот се однесува на периодот до 30-ти јуни 2021 година и предвидува дополнителни издвојувања за одбраната и невоените програми во изност од 2,75 трилиони долари. Воениот буџет со веќе големите 716 милијарди долари годинава ќе скокне на 738 милијарди во 2020-та, односно на 740,5 милијарди долари во 2021 година. Покрај тоа, законскиот лимит до кој министерството за финансии може да се задолжи ќе биде суспендиран најмалку до 31-ви јули 2021 година, со што се сака да се спречи можност од раст на долгот до претседателските избори во ноември 2020 година.

„Законот осигурува дека нашата сојузна влада нема да се приближи до никаква должничка криа во претстојните седмици и месеци“, изјави лидерот на сенатското мнозинство, републиканецот Мич Мекконел, повикувајќи во распревата предлог-законот да биде усвоен по итна постапка.

Доколку претседателот Трамп го потпише, како и што се очекува, законот значително ќе го зголеми буџетскиот дефиците за кој се очекува дека ќе порасне на трилион долари годишно на кус рок. Трамп ги зголеми воените расходи во својот буџет по доаѓањето во Белата куќа во 2017 година, откако претходниците ги обвини дека ја осиромашиле американската војска.

Меѓутоа, некои републиканци блиски на Трамп, кои во принцип го поддржуваат растот на воена поддршка, ја критикуваат неговата последица, односно надувувањето на буџетскиот дефицит како фискално неодговорно однесување. Минатата седмица Претставничкиот дом, во кој демократите имаат мнозинство, го поддржа предлогот на Трамп, бидејќи обезбедува средства за социјалните програми.