Американскиот Сенат во четвртокот едногласно усвои резолуција со којашто масакрот на Ерменците во Првата светска војна го признава за геноцид, одлука која Ереван ја прими со радост, но ја разгневи Анкара поради потегот кој дополнително ќе ги затегне односите меѓу САД и Турција.
Истата резолуција кон крајот на октомври веќе ја усвои Претставничкиот дом во кој мнозинството го имаат демократите. Овој необврзувачки текст претходно неколкупати во Сенатот го блокираа мнозинските републиканци, сојузници на претседателот Доналд Трамп. Но во четвртокот никој не се спротиставил на едногласното усвојување на резолуцијата која ја предложи демократот Боб Мендез.
Среќен сум што резолуцијата е усвоена на време за преживеаните на геноцидот да видат дека Сенатот го призна она што тие го претрпеле“, изјави речиси низ солзи сенаторот Мендез.
Ерменскиот геноци го признаваат триесетина земји и многу историчари. Според процените, меѓу 1,2 и 1,5 милиони Ерменци се убиени во Османлиското царство во периодот од 1915 до 1923 година. Турција признава дека многу Ерменци кои живееле во Османлиското царство се убиени во судирите со османските сили во текот на Првата светска војна, но не се согласува со бројот на жртвите и упорно негира дека убиствата биле систематски и дека станува збор за геноцид, а истакнува и дека во споменатиот период страдале и многу Турци.
Кога Претставничкиот дом на 30-ти октомври со 405 од 435 гласови ја усвои оваа резолуција, тоа ја разгневи Анкара која истакна дека тоа претставува „навреда и безвредна мерка“. Официјална Анкара во четвртокот предупреди дека усвојувањето на резолуцијата „ја изложува на опасност иднината на односите меѓу Турција и Соединетите држави“.
„Однесувањето на некои членови на американскиот Конгрес им штети на турско-американските односи. Денеска усвоената американска резолуција ги изложува на опасност билатералните односи“, напиша на Twitter директорот за комуникации на кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун.
Од друга страна, ерменскиот премиер Никол Пачинијан, оцени дека усвојувањето на резолуцијата е „победа на правдата и вистината“. „Во името на ерменскиот народ му се заблагодарувам на американскиот Конгрес“, напиша на Twitter. Резолуцијата којашто денеска е изгласана е „храбар чекор кон превенцијата на идните геноциди“, додаде ерменскиот премиер.