Кабинетот на поранешниот претседател Иванов информира дека 14-та Меѓународната обука за млади лидери на претседателот Иванов ќе се одржи во периодот од 7-19 октомври 2023 година. Денес е објавен конкурсот за учесници на школата која ќе биде на темата „Образование – Трансформација – Лидерство“. Рокот за аплицирање на конкурсот е до 21 јуни 2023 година.
Програмата на 14-та Школа за млади лидери на претседателот Иванов се организира комбинирано, онлајн и во Охрид. Таа е наменета за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и нивната околина.
Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници и тимска работа на проектна задача. Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив. Оваа година програмата на школата треба да одговори на прашањата како образованието и лидерството можат да бидат трансформатори и катализатори за позитивни промени и иновации. Со планираните активности во програмата сакаме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери. Да иницираат промени и да ги предводат, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, да одговараат подготвено и да иницираат решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да вложуваат во својот професионален и личен напредок.
Бројот на учесници на школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот.
Повеќе информации за конкурсот во објавите на веб страната и на профилите на социјалните мрежи на Школата за млади лидери (https://youngleaders.com.mk/mak/apliciraj/, https://youngleaders.com.mk/apply/, https://www.facebook.com/IvanovSchoolForYoungLeaders), како и на веб и на фејсбук страната на поранешниот претседател Иванов (https://gjorgeivanov.mk/, https://www.facebook.com/exmacedonianpresident/).
Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 13 обуки учествуваа над 500 млади луѓе од целиот свет со различен академски и професионален фокус. Над 300 предавачи и говорници од Република Македонија, Европа и светот одржаа предавања пред тринаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери. Во 2018 година, Школата за млади лидери на претседателот Иванов е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.