Конкурсот за упис во високо образование ќе биде објавен утре

Конкурсот за упис на учениците матуранти во високо образование ќе биде објавен утре во печатените медиуми и на интернет страницата на МОН, објави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

На петте државни универзитети во Р. Македонија предвидени се вкупно 24.196 слободни места за студентите кои ќе се запишаат во прва студиска година, од кои 13.795 за редовни студенти во државна квота, 7.531 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 2.870 слободни места за вонредни студенти.

-Информации за критериумите и условите за запишување на студентските програми, за потребните документи, како и за роковите и местото за поднесување на документите по уписни рокови, сите заинтересирани можат да добијат на факултетот каде што сакаат да го продолжат своето образование, односно во конкурсите кои ќе бидат објавени од страна на секој универзитет поединечно, истакна Ристовски.

Министерот упати апел до сите идни студенти сериозно да размислат пред да донесат одлука за избор на студиската програма и потенцираше дека техничките и природно- математичките струки и понатаму се дефицитарни на македонскиот пазар на труд.