Конструктивноста мора да биде двонасочна улица

Она што е во интерес на граѓаните и Република Македонија не треба да претставува табу-тема, ниту за опозицијата, но повторно ќе кажам тоа го напоменав во многу наврати, дека конструктивноста не е само во едната насока, конструктивноста мора да биде двонасочна улица, изјави новиот челник на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во вторникот во Владата се сретна со премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев.

Како што истакна по средбата, разговарале за неколку теми и дека иако имаат различни ставови по многу прашања, дискусијата мора да продолжи.

„Отворивме прашања на неколку актуелни теми што се случуваат во државата. Нормално, за неколку од темите имавме различни мислења и различни аргументи. Ги аргументиравме своите позиции и јас и господинот Заев. Во овој момент е добро да се отвори еден ваков процес, добро е да се дискутира. Она што е во интерес на граѓаните и Република Македонија не треба да претставува табу-тема ниту за опозицијата, но повторно ќе кажам тоа го напоменав во многу наврати, дека конструктивноста не е само во едната насока, конструктивноста мора да биде двонасочна улица. Во тој дух ќе продолжиме и во периодот кој што следува, јас тука немам никаква дилема. Се разбира, ние сме претседатели на различни политички опции, на различни политики, логично е да имаме различни ставови по многу прашања, истакна Мицкоски.

На новинарско прашање дали очекува конструктивност од страна на Владата, Мицкоски истакна:

-Моја карактерна особина е да бидам непоправлив оптимист, некои викаат и утопист. Јас секогаш сум оптимист особено што сега работиме за интересот на граѓаните на Македонија. Ние постоиме за нив и ние сме должнида одговараме пред нив“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека на денешниот состанок ги аргументирале своите ставови исклучиво на факти. Одговарајќи на новинарско прашање потенцира дека говореле за економски и образовни политики, како и за здравството, а не само за политички теми.

Мицкоски истакна дека дополнително ќе се одлучува дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат во Собранието. Тој ќе одржи состанок со пратеничката група за заедно да одлучат за следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста за сево ова ќе биде информирана во текот на утрешниот ден.