![blaz janc slovenija germanija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/01/blaz-janc-slovenija-germanija.jpg?resize=640%2C322&ssl=1)
Во средбата од 2-то коло од Групата Ц на Европското ракометно првенство, во кој настапува и селекцијата на Македонија, Словенија и Германија по драматична и контроверзна завршница ремизираа во понеделникот вечерта 25:25 (15:10), додека во Групата Д, исто така, во неизвесен финиш Шпанија ја совлада Унгарија со 27:25 (13:12).
Мечот заврши во контроверзни околности, откако Пол Друкс на десетина секунди пред крајот израмни на 24:24 во кој Германија играше без голман, Словенија изведе ткн „брз центар“ и Блаж Јанц погоди за 25:24 со истекот на времето. Германските ракометари и раководството на селекцијата потоа извршија силен притисок врз судиите од Литванија кои по повеќе од десет минути прегледување на снимката, а притоа остана нејасно кој спорен момент го прегледуваа, одлучија да го признаат голот на Словенците, но и со црвен картон за Блаж Благотишек да досудат седмерец за Германија, кој го реализираше Тобиас Рајхман, по конечниот резултат гласеше 25:25.
Словенија, инаку, во текот на поголемиот дел од мечот беше во предност, а највисоката пред крајот на првото полувреме двапати изнесуваше шест голови (14:8 и 15:9). Меѓутоа, Германија со подобар влез во вториот дел кога искористи две врзани исклучувања кај Словенците брзо намали на 12:15. Сепак, Словенците ја одржуваа солидната предност до 45 минута, кога резултатот гласеше 19:15. Но веќе при 19:16 кога за Германија беше досуден седмерец со исклучување на две минути за Кавтичник, а словенечката клупа поради приговор доби уште едно двеминутно исклучување резултатот брзо беше израмнет на 19:19. Германците првпат со 21:20 поведоа на почетокот од последните десет минути на дуелот, а потоа до самиот финиш Словенците направија мини-пресврт и до одлуката на судиите Газелис и Матејка го имаа резултатот со кој го анулираа поразот од Македонија во првото коло.
Миха Зарабец со пет голови беше најефикасен кај Словенците, додека Увен Геншејмер со седум голови ја предводеше Германија.
Во Групата Д, којашто се игра во Вараждин, Шпанија ја оствари и втората победа, совладувајќи ја Унгарија со 27:25 (13:12). По четири голови за „фуријата“ постигнаа Валера, Дујшебаев , Арино и Фигуерас, додека вториот пораз на Унгарија не успеаја да го спречат Бенце Банхиди со шест и Золт Балог со пет погодоци.