Конзервативците на Џонсон со убедлива предност пред лабуристите

Конзервативната партија на британскиот премиер Борис Џонсон има сериозна предност од 16 отсто пред опозициската Лабуристичка партија во пресрет на утрешното гласање во парламентот за тоа дали ќе има вонредни избори, покажува најновата анкета на Опиниум.

Според истражувањето на јавното мнение, поддршката за Конзервативната партија е порасната за три отсто во однос на претходната анкета од пред осум дена и сега изнесува 40 отсто, додека лабуристите останаа на 24 отсто, пренесуваат британските медиуми.

Проевропската Либерално-демократската партија падна за еден бод на 15 отсто, додека партијата Брегзит на Најџел Фараџ има 10 отсто доверба.

Џонсон, кого членовите на неговата партија во јули го избраа да го одблокира застојот околу Брегзит, предложи оддржување вонредни општи избори на 12 декември , откако претходно не успеа на време во парламентот да постигне договор за излегување на Велика британија од ЕУ на 31 октомври.

Пратениците утре ќе гласаат за тоа дали ќе има или не вонредни избори, но повеќето опозициски партии навестија дека ќе се воздржат од гласање или ќе гласаат против предлогот, што значи дека Џонсон веројатно нема да ја добие потребната двотретинска поддршка од пратениците за декемвриски избори

Редовните избори во Велика Британија треба да се оддржат во 2022 година.