Копа дел реи: Барса на мечот во Африка стаса со хеликоптер, пресврт на Реал

Фудбалерите на Барселона изборија пласман во четвртфиналето на шпанскиот Куп на кралот (Копа дел реи), откако во четвртокот во средната од осминафиналето со 5:0 го совладаа третолигашот Сеута.

Откако во неделата во Ријад во финалето од националниот Суперкуп со 3:1 го совлада најголемиот ривал мадридски Реал освојувајќи го првиот трофеј сезонава, Барселона немаше премногу време за славење. По враќањето дома Каталонците ги чекаше уште едно гостување, овојпат на северот од Африка.

Имено, Барселона во осминафиналниот дуел од Купот на кралот играше против шпанскиот третолигаш Сеута од истоимениот град во Мароко. Сеута е шпанска енклава или автономен шпански град со површина од 18,5 километри квадратни и малку повеќе од 85.000 жители, опкружен со мароканска територија а политички ѝ припаѓа на Шпанија.

Играчите на Барселона на пат тргнаа на самиот ден на натпреварот. Бидејќи Сеута нема аеродром кој може да прими поголеми авиони, Каталонците прво со авиони пристигнаа во Малага, а потоа преку Гибралтарскиот теснец прелетаа со хеликоптери. Делегацијата со играчите и водството беа распоредени во три хеликоптера од моделот „ Augusta Westland 139“ од кои секој чини 12 милиони евра и има капацитет до 15 патници.

Доаѓањето на шпанскиот фудбалски великан претставуваше вистински празник за жителите на Сеута, па на хелиодромот имаше силно обезбедување. Но, сепак, стотина навивачи успеаја да се пробијат и да ги пречекаат играчите.

А на теренот очекувано немаше многу дилеми. Барселона славеше убедливо со „петка“, а стрелци беа Рафиња во 41, Роберт Левандовски во 50 и 90, Ансу Фати во 70 и Франк Кеси во 77 минута.

Пласман во четвртфиналето во четвртокот вечерта избори и Реал Мадрид, кој на гостувањето го порази Вилјареал со 3:2. Но со голем пресврт.

Домашните на полувремето имаа водство од 2:0, остварено со погодоците на Етјен Капуе во 4 и Самуел Чиквуезе во 42 минута. Сепак, „Кралскиот клуб“ успеа во вториот дел да направи целосен резултатски пресврт, а негови творци беа Винисиус Жуниор во 57, Еден Милитао во 79 и Дани Себаљос во 86 минута.

Претходно пласман во четвртфиналето изборија Атлетико Мадрид, Валенсија, Севилја, Атлетик Билбао, Осасуна и Реал Сосиедад. Жрепката за четвртфиналните двојки ќе се одржи во петок.