Корбин поддржува втор референдум за брегзитот

Челникот на британската опозициска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, ја поддржа во средата идејата за одржување втор референдум за истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, што е негова досега најсилна поддршка за повторување на референдумот, но кажа дека мора да бидат понудени „реални избори“ за оние кои сакаат да останат или да ја напуштат ЕУ.

Џереми Корбин, кого медиумите го опишуваат како „инстиктивен“ критичар на ЕУ, е под зголемен притисок недвосмислено да поддржи одржување втор референдум, за да ги задоволи многуте партиски членови и пратеници на лабуристите, кои сметаат дека тоа е единственото решение за надминување на кризата којашто се создаде поради неможноста да се склучи договорот за брегзитот.

Лабуристичкиот челник претходно покажуваше дека преферира нови парламентарни избори, речиси три години откако Британците гласаа за напуштањето на ЕУ. Прашањата како, кога и дали воопшто треба да се случи брегзитот, длабоко ги поделија и лабуристите и владејачките конзервативци.

Корбин е критикуван поради обидот да ги задоволи и двата блока во партијата, така што не им се приклучи на приврзаниците на останувањето во ЕУ, но ниту на приврзаниците на напуштањето. Неговата промена би можело да го намали притисокот од дел од партијата, но за другите тоа ќе биде премалку и предоцна.

„Веќе се одлучив дека сега е праведно да се бара да се гласа за кој и да е договор. Тоа е согласно политиката на нашата конвенција, која се согласи дека јавното гласање ќе биде опција. Гласачкото ливче мора да содржи реални опции за оние кои гласаа за напуштањето и за оние кои гласале за останувањето. Тоа, секако, ќе зависи од парламентот“, рече во изјавата за медиумите Корбин.